Трета недела од „Турата низ главните градови“ на Кошта

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска ја продолжува својата „Тура низ главните градови“ започната на 1 септември, во чии рамки ги посетува земји членки на ЕУ на разговори со нивните лидери за актуелни прашања поврзани со Унијата, политичките приоритети и методите на работа на Советот.
Целта на оваа турнеја на Кошта е да размени мислења со шефовите на држави или влади на земјите членки за агендата на ЕУ и за претстојните состаноци на Европскиот совет и на меѓународните самити.
Третата недела од турнејата низ ЕУ, Кошта ќе ја започне од Атина каде денеска ќе се сретне со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Од Атина Кошта ќе замине за Никозија на средба со кипарскиот претседател Никос Христодулидес, по што попладне ќе отпатува за Рим на разговор со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Утре Кошта прво ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, од каде ќе замине за Мадрид на средба со шпанскиот премиер Педро Санчез. Инаку, според првичниот план, Кошта требаше да престојува во Мадрид во четвртокот, но посетата беше презакажана за утре. Кошта в среда ќе престојува во Луксембург на средба со луксембуршкиот премиер Лук Фриден.
Последната етапа од „Турата“ на Кошта е Порто, каде в петок ќе се сретне со португалскиот премиер Луиш Монтенегро, по што ќе учествува на Социјалниот форум во Порто.
Во првата недела од турнејата од 1 до 5 септември, Кошта ги посети Словенија, Хрватска, Австрија, Романија, Бугарија, Чешка и Холандија, а во текот на втората седмица од 8 до 11 септември престојуваше во Финска, Шведска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Унгарија, Германија и Словачка. Претходно на 27 август во Брисел Кошта се сретна и со белгискиот премиер Барт де Вевер.
– Овие разговори ќе помогнат во обликување на нашата заедничка агенда за наредните месеци. Како претседател на Европскиот совет, моја должност е да ги слушам и да се запознам со приоритетите на сите лидери, особено во овие неизвесни времиња. Мојата улога е да градам консензус. Со секоја посета, ќе работам на зајакнување на нашата соработка, бидејќи во денешниот непредвидлив свет, нашето единство е нашата најголема сила, порача Кошта пред почетокот на турнејата.
До крајот на 2025 година се предвидени два самити на ЕУ – во Брисел на 23 и 24 октомври и на 18 и 19 декември, како и неформална средба на лидерите на шефовите на држави или влади на членките на Унијата на 1 октомври во Копенхаген. Ден по овој неформален лидерски собир, на 2 октомври во Копенхаген ќе се одржи и Самит на Европската политичка заедница.
Покрај ова, на 8 и 9 ноември во Колумбија ќе се одржи Самит меѓу ЕУ и Заедницата на латиноамерикански и карипски земји (ЦЕЛАЦ), а на 24 и 25 ноември и средба на врвот меѓу Европската и Африканската Унија во Ангола.