„Треска“ ќе се уредува на конкурс, Белчева повикува на транспарентност


Советот на Општина Центар на вонредна седница одлучи локацијата каде што се наоѓаше некогашната фабрика „Треска“ да се уреди на јавен конкурс. Советниците на општината, со 12 гласа „за”, изгласаа дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2. За зголемување на степенот на транспарентност пред јавноста, во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија за локацијата, општината ќе ја вклучи целата стручна јавност – Архитектонскиот факултет, Асоцијација на Архитекти и Комора на архитекти.

„Одлучувајќи по Иницијативата поднесена од група граѓани и архитекти, Советот донесе Заклучок со што уште еднаш и општината и градоначалникот Саша Богдановиќ застанаа на страната на жителите и јавноста“. За разлика од едно не толку минато време, кога тајно се носеа ДУП-ови во доцните вечерни часови, никнуваа градби и се поставуваа разни споменици на случајно одбрани локации, ова општинско раководство и овој состав на Советот транспарентно и отчетно, со присуство на целата јавност, ја усвои одлуката за распишување на јавен конкурс за урбанистичкото уредување на локацијата, позната како поранешна фабрика „Треска“, се вели во соопштението од општината.

На донесувањето на одлуката му претходеше жестока расправа дали иницијативата е поднесена на правилен начин, како и кој треба да членува во комисијата која ќе ги постави основите за конкурсот, какви и колку објекти ќе бидат предвидени на парцелите, од кои дел се во приватна, а дел во државна сопственост. Претседателката на Советот Јана Белчева во еден момент ја напушти седницата, која продолжи со најстариот советник.

Белчева денеска апелираше до граѓаните на будност и барање транспарентност во целокупниот процес на реализација понатаму.

„Дел од Советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку е важен приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрво во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел. Ненаоѓајќи компромис и желба за дијалог преку кој ќе се зајакне начинот на заштита на јавниот наспрема приватниот интерес, ми беше аргумент да ја напуштам седницата. Самиот назив Конкурс, не значи и квалитет, па ни одлуката за конкурс не значи решение по мерка на граѓаните“, вели Белчева, потенцирајќи дека и проектот „Скопје 2014“ победи на конкурс.