Треба да се најде решение за возачите на камиони од надвор од ЕУ, вели хрватскиот министер за транспорт
Хрватскиот министер за транспорт Олег Бутковиќ изјави дека треба да се најде решение за возачите на камиони од надвор од ЕУ кои не можат да останат во Европската Унија повеќе од 90 дена во период од шест месеци, поради што протестираат и предизвикуваат големи сообраќајни метежи и застои на граничните премини, јави Хина.
Запрашан за сообраќајните метежи на границата со Србија и што планира да преземе во врска со тоа, Бутковиќ, по потпишувањето на договорот за доделување грантови за автобуси на алтернативен погон, рече дека вчера го посетиле вицепремиерот на Владата на Македонија и министерот за транспорт, а минатата недела и министерот од Босна и Херцеговина, кој го предупредил дека сообраќајот може да биде блокиран.
„Тоа дефинитивно не е добро. Тоа е загуба за економиите на трети, соседни земји, но и за хрватската економија. Ме контактираа и одредени компании кои велат дека тоа им оневозможува нормално работење и дека претставува сериозна пречка. Поентата е дека возачите не можат да останат во земјите-членки на ЕУ повеќе од 90 дена во период од 180 дена и мислам дека тука треба да се најде одредено решение и компромис“, рече Бутковиќ.
Тој додаде дека министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ контактирал со Европската комисија во оваа пригода.
„Го изразивме нашиот став за можен компромис и предложивме да се најде решение за што поскоро прекинување на овие блокади“, рече Бутковиќ.