Трамп се закани со напад на електрани ако не се отвори нафтениот пат


Доналд Трамп (Фото: Анадолија)

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги уништи иранските електрани доколку Техеран не ја отвори целосно Ормуската Теснина за бродови во рок од 48 часа.

Изјавата на Трамп, дадена доцна синоќа на социјалните мрежи, е само еден ден откако тој изјави дека САД размислуваат за „постепен крај“ на операцијата на Блискиот Исток.

„Доколку Иран не ја отвори целосно, без закани, Ормуската Теснина во рок од 48 часа од овој момент, САД ќе ги нападнат и ќе ги уништат нивните електрани, почнувајќи од најголемата!“.

Заканата од ирански напади ги спречува повеќето бродови да минуваат низ Ормуската Теснина – релативно тесен воден пат кој служи за испорака на околу една петтина од светските залихи на нафта и течен природен гас, што потенцијално предизвикува глобален енергетски шок.

Затворањето на теснината за речиси сите бродови ги зголеми цените на енергенсите во Европа до 35 проценти минатата недела.

Иранската армија возврати  дека ќе ги нападне енергетската инфраструктура и постројките за десалинизација во регионот доколку  Трамп ги оствари своите закани за уништување на електроцентралите на Иран.

„Доколку непријателот ја нападне нафтената и енергетската инфраструктура на Иран, целта ќе биде целата енергетска, информатичка и инфраструктура за десалинизација што им припаѓа на САД и на режимот во регионот“, наведе Хатам ал-Анбија, портпарол на оперативната команда на војската, во соопштението објавено од новинската агенција Фарс.

Тој не прецизираше за кој „режим“ се осврнува.  Заканата од САД доаѓа откако две ирански ракети погодија два града во јужен Израел синоќа, едната од нив во близина на нуклеарен истражувачки центар, при што беа повредени повеќе од 100 лица и беше предизвикана голема материјална штета. 

Во меѓувреме, американско-израелскиот конфликт со Иран влезе во нова фаза откако Иран испука две балистички ракети кон американско-британската воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан.Претходно, „Волстрит џурнал“ објави дека Иран испукал две балистички ракети со среден дострел кон базата, но не успеал да ја погоди.

Во синоќешни ирански ракетни напади погодени се јужните израелски градови Димона и Арад, при што има жртви и најмалку 100 повредени.