Трамп сака да му одземе 3 милијарди долари на Харвард и да ги пренасочи кон занаетчиските школи

Вашингтон- Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека ја разгледува можноста за одземање на 3 милијарди долари федерални грантови од Универзитетот Харвард и пренасочување на тие средства кон стручните училишта низ САД. Наведувајќи дека престижниот универзитет треба да „плати цена“ за, како што тврди, своето одбивање да се усогласи со националните интереси. Трамп на својата социјална мрежа Truth Social изјави дека е време „да се преиспита каде одат парите“ и дека „на пазарот на труд му се потребни конкретни вештини, а не идеолошки центри“.
Соопштението доаѓа само неколку дена откако администрацијата на Трамп се обиде да му забрани на Харвард да прима странски студенти, што беше привремено блокирано од федералниот суд, објави Ројтерс.
Суд во Вашингтон во петокот пресуди дека забраната за запишување на странски студенти би претставувала „јасно кршење на Уставот“ и би имала „непосреден и разорен ефект“ врз универзитетот и повеќе од 7.000 иматели на студентски визи на Харвард.
Универзитетот Харвард претходно ја тужеше администрацијата на Трамп за замрзнување на гореспоменатите средства, главно наменети за биомедицински истражувања преку Националните институти за здравство (NIH).
Најновата закана на Трамп е дел од поширока конфронтација меѓу американскиот претседател и елитните образовни институции, кои тој и републиканците често ги обвинуваат дека се пристрасни и дека се наклонети кон левичарски идеи.
Конфликтот со Харвард сè повеќе добива политичка димензија и би можел да игра значајна улога во изборните пораки на кампањата на Трамп, насочени кон критикување на образовната елита и фаворизирање на алтернативни модели на образование, додава британската агенција.