Трамп размислува да го назначи Гренел за пратеник за војната во Украина


 

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп размислува за да го назначи Ричард Гренел, неговиот поранешен шеф на разузнавањето и амбасадор во Германија, како специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт, според четири извори запознаени со плановите за транзиција, јави Ројтерс. Во споследните месеци на првиот мандат на Трамп Гренел беше и специјален пратеник за односите меѓу Србија и Косово и има многу добри односи со српскиот претседател Александар Вучиќ, но и со повеќе луѓе од новите македонски власти, вклучувајќи го и премиерот Христијан Мицкоски.

Гренел, кој водеше кампања за Трамп пред изборите на 5 ноември, беше главен кандидат за државен секретар. Најпосле, за таа функција беше номиниран сенаторот од Флорида, Марко Рубио, потег што ги изненади и вознемири некои од блиските сојузници на Гренел. Ден пред номинарњето на Рубио Гренел ја загуби и втората функција на којшто се надеваше – советник за национална безбедност, за која Трамп го избра конгресменот Мајк Волц.

Иако во моментов нема специјален пратеник посветен само на решавање на руско-украинскиот конфликт, Трамп размислува да ја создаде улогата, според четирите извори на Ројтерс.

Трамп на крајот би можел да одлучи да не создаде специјален пратеник за конфликтот во Украина, иако силно размислува да го стори тоа, велат изворите. Ако го направи тоа, на крајот би можел да избере некој друг за улогата, и нема гаранција дека Гренел би прифатил.

Трамп на предизборната кампања вети дека брзо ќе стави крај на конфликтот, иако не кажа како ќе го направи тоа.

За време на тркалезната маса на Блумберг во јули, тој се залагаше за создавање „автономни зони“ како средство за решавање на конфликтот, кој започна откако Русија ја нападна украинската суверена територија. Тој, исто така, посочи дека не го поддржува влегуувањето на Украина во НАТО во блиска иднина, позиција што ја дели со многу сојузници на Трамп.

Поддржувачите на Гренел забележуваат дека тој има долга дипломатска кариера и има длабоко познавање на европските работи.

Каролин Левит, портпаролка на транзицискиот тим на Трамп, одби да коментира, освен што рече дека кадровските одлуки на новоизбраниот претседател „ќе продолжат да се објавуваат од него кога ќе бидат донесени“.