Трамп оваа недела очекува резултати од мировниот план за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека оваа недела очекува резултати од разговорите во Египет за неговиот мировен план за прекин на војната во Газа, кои треба да почнат денеска.
– Кажано ми е дека првата фаза треба да биде завршена оваа недела, и барам од сите да дејствуваат брзо, напиша Трамп вчера на својата платформа Truth Social.
Неговата објава дојде само неколку минути пред истекот на рокот што го постави во петокот за исламистичката група Хамас да го прифати мировниот план. Хамас во петокот прифати делови од планот, но побара дополнителни преговори.
Останува нејасно дали Трамп сè уште го смета првичниот рок за важечки, бидејќи не се осврна на тоа ниту во објавата ниту синоќа пред новинарите.
Претставници на Израел и Хамас денеска треба да се сретнат во Египет за да разговараат за мировниот план што го предложи Трамп.
Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека првичен фокус на разговорите, кои ќе се водат преку посредници, ќе биде постигнување договор за ослободување на преостанатите заложници што ги држат милитантите во Газа во замена за палестински затвореници во Израел.
– Имаше многу позитивни разговори со Хамас и со земји од целиот свет … овој викенд, за ослободување на заложниците, завршување на војната во Газа, но што е уште поважно – за конечно постигнување на долго посакуваниот мир на Блискиот Исток, напиша Трамп.
Тој предупреди и дека времето е клучно, инаку „ќе следи масовно пролевање на крв – нешто што никој не сака да го види“.