Трамп нема намера да испраќа американски војници на Блискиот Исток поради Иран


Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги отфрли како неточни наводите на весникот „Њујорк Тајмс“ дека САД планираат да испратат свои војници на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите со Иран.

– Мислам дека тоа се лажни вести. Дали би го направил тоа, апсолутно да. Но, немаме план за нешто такво. Се надевам дека нема ниту да има ни потреба за таков план, изјави Трамп.

„Њујорк тајмс“ денеска објави дека Трамп минатата недела на состанок со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон и со секретарот за одбрана на САД, Патрик Шанахан, претставил таен план, кој наводно предвидува испраќање на 120.000 војници на Блискиот Исток, доколку Иран ги нападне американските сили во регионот или го забрза производството на нуклеарно оружје.

– Ако го сториме тоа ќе испратиме многу повеќе војници од ова, истакна Трамп, коментирајќи ја бројката на војници што ја посочува весникот.

„Њујорк тајмс“ во текстот наведува дека планот бил изготвен по иницијатива на „јастребите“ во американската Администрација, предводени од Болтон, што, според весникот, укажува на тоа колкаво е неговото влијание во Белата куќа.

Њујоршкиот весник додава дека засега е може да се насети дали Трамп, кој инсистираше на повлекување на силите на САД од Авганистан и од Сирија, на крајот ќе испрати нови американски трупи на Блискиот Исток.

Трамп вчера го предупреди Иран поради неговата реторика кон САД, нагласувајќи дека Техеран планира да им наштети на американските интереси на Блискиот Исток.

– Иран ќе има голем проблем ако се случи нешто. Тие нема да бидат среќни луѓе, изјави вчера Трамп, предупредувајќи дека во таков случај Иранците ќе „настрадаат во голема мера”.