Трамп ја тужи својата внука Мери и Њујорк тајмс, бара отштета од над 100 милиони долари
Доналд Трамп во вторникот поднесе тужба против својата внука Мери и весникот „Њујорк тајмс“ поради напис од 2018 година, во кој се тврди дека бил вмешан во „сомнителни даночни шеми“, обвинувајќи ги за „подмолен заговор“ за добивање доверливи записи и бара отштета од над 100 милиони американски долари.
Поранешниот претседател го поднесе својот случај против Мери, весникот и тројца новинари.
Во тужбата, поднесена во Њујорк, Мери Трамп и новинарите се обвинети за „вмешаност во подмолна завера“ за добивање доверливи документи.
Се наведува дека Мери Трамп (56) го прекршила договорот за спогодба со кој и се забранува да открива документи.
Таа се откри како извор на приказната во мемоарите објавени во 2020 година, „Премногу и никогаш доволно: Како моето семејство го создаде најопасниот човек на светот“.
Трамп упорно ги отфрла тврдењата изнесени во таа книга и без успех се обиде да го спречи нејзиното објавување.
Мери Трамп, ќерка на постариот брат на Доналд Трамп, Фред Трамп, кој почина во 1981 година на 42–годишна возраст, се уште не ја коментираше тужбата.