Трамп го истури гневот врз НАТО: „На САД не им треба ништо од алијансата“
Трамп повтори дека Иран „моли“ за договор. Пакистан побарал Израел да ги тргне од листата за убивање шефот на дипломатијата и спикерот на парламентот
Доналд Трамп го повтори тврдењето дека Иран „моли“ за договор за завршување на војната, во исто време предупредувајќи дека Техеран „подобро да стане сериозен наскоро, пред да биде предоцна“.
Иран даде мешани сигнали во врска со можноста за преговори по извештаите дека администрацијата на Трамп понудила план за прекин на огнот од 15 точки, кој му бил презентиран на Техеран преку Пакистан претходно оваа недела. Јавно, иранските државни медиуми објавија дека Техеран го отфрлил предлогот, додека приватно некои медиумски извештаи сугерираат дека иранските претставници барем го разгледуваат.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, им изјави на државните медиуми дека неговата влада не се вклучила во разговори за завршување на војната и дека не планира никакви преговори. Иако призна дека САД се обиделе да испратат пораки до Иран преку други нации, тој рече дека тоа „не е разговор ниту преговори“.
Пишувајќи на својата апликација Truth Social, Трамп рече:
„Иранските преговарачи се многу различни и ‘чудни’. Тие нè ‘молат’ да склучиме договор, што треба да го направат бидејќи се воено уништени, со нулта шанса за враќање, а сепак јавно изјавуваат дека само ‘го разгледуваат нашиот предлог’. ГРЕШНО!!! Подобро да станат сериозни наскоро, пред да биде предоцна, бидејќи штом тоа ќе се случи, НЕМА ВРАЌАЊЕ НАЗАД, и нема да биде убаво!“
Во објава на Truth Social, Доналд Трамп ги нападна сојузниците на НАТО затоа што не направиле „апсолутно ништо“ за да им помогнат на САД во нивната воена кампања против Иран.
„Земјите на НАТО не направија апсолутно ништо за да помогнат со справување со лудата нација, сега воено уништена, Иран. САД не требаат ништо од НАТО, но ‘никогаш нема да заборават’ на овој многу важен момент!“
Иако НАТО не беше директно вклучен во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, собори ирански ракети насочени кон Турција, а многу членки на алијансата ветија „соодветни напори“ за повторно започнување на сообраќајот низ Ормускиот теснец.
Сојузниците на НАТО во голема мера го одбија повикот на Доналд Трамп за воена акција за обезбедување на теснецот и генерално беа загрижени да се приклучат кон војна за која не беа консултирани.
Некои земји беа критични кон одлуката на САД и Израел да го нападнат Иран, а Германија беше најгласна. „Оваа војна го крши меѓународното право“, рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во вторникот. „Нема сомнение дека, во секој случај, оправдувањето за непосреден напад врз САД не држи вода“.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обиде да ги смири тензиите, велејќи дека го разбира гневот на Трамп и нагласи дека европските земји „се здружуваат“ за да помогнат во обезбедувањето на теснецот.
Алиреза Тангсири, командант на морнарицата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран, наводно бил цел на израелски воздушен напад утрово во јужен Иран, според „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на тројца израелски претставници.
Израелската војска го нападнала Тангсири додека тој бил во скривалиште заедно со други офицери на ИРГЦ, изјавиле претставниците за весникот, тврдејќи дека шефот на иранската морнарица одиграл клучна улога во затворањето на Ормускиот теснец за поголемиот дел од меѓународниот превоз.
Некои израелски медиуми објавија дека Тангсири бил убиен во напад во јужниот ирански град Бандар Абас, кој се наоѓа на брегот на Ормускиот теснец и каде што се наоѓа седиштето на иранската морнарица.
Израел наводно ги тргнал иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, од својата листа на напади откако Пакистан побарал од САД да не ги таргетираат, според новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на извор од Исламабад запознаен со ова прашање.
Арагчи ја предводеше иранската делегација во нуклеарните разговори со САД и е еден од најискусните дипломати на Иран, додека Галибаф наводно од некои во Белата куќа се смета за работен партнер.
„Израелците ги имаа нивните координати и сакаа да ги елиминираат, им кажавме на САД дека ако и тие бидат елиминирани, тогаш нема со кого друг да разговараат, па затоа САД ги замолија Израелците да се повлечат“, изјави пакистанскиот извор, цитиран од Ројтерс.
„Волстрит џорнал“, кој прв го објави тврдењето, цитирајќи американски официјални лица кои велат дека двајцата Иранци се отстранети од листата на напади на САД и Израел до четири или пет дена, додека Доналд Трамп се обидува повторно да ги отвори преговорите со Иран. Во извештајот не се споменува никаква вмешаност на Пакистан.
Голем број високи ирански функционери беа убиени од Израел од почетокот на тековната војна, вклучувајќи го врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и шефот за безбедност Али Лариџани. Израел вети дека ќе продолжи да ги лови иранските лидери, додека Трамп призна дека многу потенцијални соговорници, вклучувајќи ги и преговарачите вклучени во разговорите пред војната, биле убиени во напади.
„Ги убивме сите нивни лидери, а потоа се состанаа за да изберат нови лидери и ги убивме сите“, им рече тој на новинарите во вторник. „А сега имаме нова група и лесно можеме да го направиме тоа, но да видиме како ќе се покажат“.