Трамп бара помош од Европа за војната
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека НАТО се соочува со многу лоша иднина ако сојузниците на САД не помогнат во обезбедувањето на Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Иран.
„Соодветно е луѓето кои имаат корист од испораките на нафта низ Теснецот да се осигурат дека ништо лошо нема да се случи таму. Ако нема одговор или ако има негативен одговор, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО“,изјави Трамп во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Американскиот претседател во оваа смисла истакна дека Европа и Кина се во голема мера зависни од нафтата од Персискиот Залив, за разлика од Соединетите Американски Држави. Во последните денови тој ги посочи Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија како земји од кои очекува помош околу Заливот.
Прашан да прецизира каква помош е потребна, Трамп рече дека сојузниците би можеле да придонесат со поморски средства како што се миноловци – кои Европа ги има многу повеќе од САД.
„Ги удривме многу силно и не им преостана ништо друго освен да прават мали проблеми во Теснецот. Но сојузниците, оние кои се корисници на нафтата, треба да ги помогнат да го контролираме. Ние ќе им помогнеме, но и тие треба да бидат таму“, додаде Трамп.
Американскиот претседател рече дека САД своевремено им помогнале на европските сојузници околу Украина и дека сега очекуваат поддршка за возврат.
„Бевме многу љубезни. Не мораше да им помагаме со Украина бидејќи е илјадници милји од нас… Но, им помогнавме. Сега ќе видиме дали тие ќе ни помогнат. Одамна реков дека ние ќе бидеме тука за нив, но дека тие нема да бидат тука за нас и не сум сигурен дека би биле“,рече Трамп. Во изјава за новинарите во претседателскиот авион Ер Форс Уан, Трамп рече дека неговата влада разговара со „околу седум“ земји.
Јапонската влада, сепак, исклучи учество во таква поморска мисија.
„ Во сегашната ситуација во Иран во моментов не размислуваме да наредиме поморска безбедносна операција“, изјави јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми пред парламентот во Токио. Јапонската премиерка Санае Такаичи додаде дека секоја таква операција би била „правно исклучително тешка“.
Германската влада уште во петокот ја исклучи можноста за германско учество. Во неделата (15.03) министерот за надворешни работи Јохан Вадефул за АРД изјави дека во моментов не гледа „непосредна потреба“ Германија да учествува во поморска мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец. Министерот побара од САД и Израел повеќе информации за воените цели и понатамошните планови во војната против Иран.
Во Франција властите реагираа претпазливо и порачаа дека ја разгледуваат безбедносната ситуација во регионот, при што се споменува можност за придружба на трговски бродови во рамки на европски поморски активности.
Во Велика Британија владата соопшти дека ги анализира опциите со сојузниците, но засега не соопшти конкретна одлука за учество во американската иницијатива.
Во Јужна Кореја властите истакнаа дека внимателно ја следат ситуацијата во регионот, имајќи ја предвид зависноста на земјата од енергетските испораки од Блискиот Исток.
Од Кина, пак, нема конкретна потврда за учество во ваква поморска мисија, иако Пекинг се смета за една од државите што имаат силен економски интерес за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец.