Трамп има ментални нарушувања – тешко ќе се снајде со поразот, тврди внука му

 

Мери Леа Трамп, внуката на американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тој има ментални нарушувања кои моменталната ситуација нема да ги ублажи, туку спротивно.

„Доналд Трамп навистина има ментални пореметувања, кои моменталната ситуација нема да ги ублажи, туку спротивно, ќе ги влоши“, вели Мери Трамп во изјава за француското радио Европа 1.

„Затоа веќе долго мислам дека тој не само што не е створен за таа функција, туку веќе е и опасен за нашата земја“, вели внуката на Трамп која по професија е специјалист за клиничка психологија.

Според нејзе, на Трамп нема да му биде подобро. „Треба да се потсети, а тоа не го велам за да поттикнам емпатија кон него, дека Трамп се наоѓа во ситуација која никогаш до сега ја немал. Прв пат во животот мора да се соочи со пораз против кој не може ништо да направи. Искрено, мислам дека од тоа многу се плаши“, додава таа.

Мери Трамп вели дека не верува дека тој повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година.

„Слушнав од други луѓе, а и од него дека можеби ќе се кандидира во 2024 година. Покрај другите проблеми, тој има и психолошки нарушувања кои никогаш не се лечени и со време ќе се влошат“, додава таа.

Таа оваа година ја објави книгата „Too Much and Never Enough: How My Family Created the World’s Most Dangerous Man” (Премногу и никогаш доста: Како моето семејство го створи најопасниот човек на светот) во која откри семејни мрачни тајни на семејството Трамп.

Мери Леа Трамп е ќерка на постариот брат на Трамп, Фред Трамп.