Тотенхем брка гостинска победа во Амстердам, Ајакс ниту ќе се брани и ниту ќе чува резултат
Холандскиот состав има минимална предност од првата средба во Лондон (1:0), за пласман во големото финале му е доволно и реми, но калкулации ни под разно кај тимот од „Амстердам арена“, истакна неговиот тренер
„Ниту ќе чуваме резултат, ниту ќе се браниме“, е порака на тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг пред вечерашниот реванш полуфинален меч во фудбалската Лига на шампиони. Холандскиот состав има минимална предност од првата средба во Лондон (1:0), за пласман во големото финале му е доволно и реми, но калкулации ни под разно кај тимот од „Амстердам арена“.
„Ќе излеземе на терен како да е 0:0. Сакаме да бидеме на повисоко ниво и да победиме. Важно е дека дадовме гол минатата недела, а сега играме на наш терен на кој очекувам и фантастична атмосфера. Полни сме со самодоверба, подготвени сме и имаме силна волја за надигрување. Треба да направиме уште еден чекор“, истакна Тен Хаг.
Ајакс неодамна го освои трофејот во Купот на Холандија по убедливата победа над Вилем 2 со 4:0 и на тој начин ја освои првата од трите можни круни во сезоната.
„Играме против премиерлигашки ривал и малку е поразлично. Не покажуваме мотивациски видеа на фудбалерите бидејќи на сите им е јасно дека ова е најголемиот натпревар на овој стадион. Тоа треба да биде доволно за вечерва“, појасни менаџерот на Ајакс, овосезонска сензација во Лигата на шампиони.
Мечот на „Амстердам арена“ е со почеток во 21 часот и Ајакс во него Ајакс ќе влезе засилен за Давид Нереш, кој доживеа помала повреда на натпреварот од холандскиот куп, но физиотерапевтите и докторскиот тим на „копјаниците“ го опоравија навреме за вечерашниот натпревар.
Полуфиналниот реванш помеѓу Ајакс и Тотенхем, но и целиот двомеч, неоправдано е потценет и оставен во сенка поради дуелот на титаните Барселона и Ливерпул, но нема сомнение дека избраниците на Ерик Тен Хаг и Маурисио Покетино ќе приредат уште една фантастична вечер во Лигата на шампионите, впрочем сезонава и не може поинаку.
Ајакс (4-3-3): Онана – Мазрауи, Де Лихт, Блинд, Таљафико – Шене, Ван де Бек, Де Јонг – Зијех, Тадиќ, Нереш.
Тотенхем (4-2-3-1): Лорис – Трипие, Алдервеирелд, Вертонген, Роуз – Сисоко, Ванијама, Али – Ериксен – Моура, Сон.