Тошковски: Арсовска прифати 24 часовна заштита, но не потпишува изјава за инцидентите


Фото: Б. Грданоски

 Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска има 24 – часовно обезбедување кое се грижи за нејзината сигурност. МВР, по препорака добиена од Агенцијата за национална безбедност и додели обезбедување и покрај тоа што таа не го побара, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според Тошковски, добро е што Арсовска барем тоа го прифатила и соработува со Одделот за заштита на определени лица и објекти – ОЗОЛО, за разлика од фактот, како што вели, што одбива да соработува и даде изјава на Одделот за внатрешна контрола при МВР. 

Одделот за внатрешан контрола при МВР, Тошковски информираше дека постапува во врска со дејствија на непостапување на полициски службеници кои се поврзани со случајот минатиот петок со градоначалничката Арсовска во Чаир, но по изјава на советничката Ирена Витина, додека Арсовска одбива да соработува.

Тошковски, нагласи дека неколку дена полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола се во Град Скопје и не успеваат да обезбедат писмена пријава и изјава од страна на градоначалничката Данела Арсовска поврзано со случајот.  

-Факт е дека полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола веќе неколку дена пробуваат да обезбедат изјава од градоначалничката во рамки на просториите на Град Скопје и таа изјава не ја добиваат. Колку што сум запознаен советничката Ирена Витина дала изјава поврзана со дејствија на непостапување на полициски службеници или дејствија кои, исто така, беа изнесени во јавноста, а беа поврзани со советничката. Во текот на вчерашниот ден мислам дека има дадено таа изјава и Одделот постапува во насока на тоа што го има кажано советничката, но за жал, градоначалничката неколку дена не сака да соработува со Одделот за внатрешна контрола при МВР и одбива да даде изјава, која е нужна за да можеме да ги преземеме сите дејствија што се во надлежност на Одделот, кој го преиспитува професионалното работење на полициските службеници, изјави Тошковски. 

Во врска со случајот минатата недела, Тошковски рече дека МВР постапило согласно своите задолженија – односно постапило по насока на јавен обвинител и доставило кривчна пријава за предметното лице, по што Јавното обвинителство доставило предлог за определување мерки до Судија на претходна постапка, кој утврди куќен притвор, што по жалба, е променето и утврден е ефективен притвор на предметното лице. 

-Факт е дека институциите функционриаат, колку и да му се допаѓало или да не му се доапаѓало тоа некому. Факт е дека МВР постапило по секој еден предмет по кој што градоначалничката јавно информирала и факт е дека МВР постапува во сите оние предмети каде што добиваме наредба од Јавното обвинителство или имаме соодветни информации, каде што самите преземаме одредени дејствија, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Меморандум за соработка со Црвениот крст. 

Тошковски, исто така, посочи дека во врска со сето она што јавноста го виде изминатиот период, а е поврзано со дејностите што ги презема градоначалничката, МВР како институција досега за се што има пријавено во рамки на МВР има соодветно одговорено. 

-Што значи тоа. Градоначалничката има јавно објавено дека едно лице, полициски службеник и се има заканувано преку социјални мрежи. Во врска со конкретниот случај и без оглед на тоа што нема писмено известување или пак усно пријавување од градоначалничката до МВР, службеници од Одделот за внатрешна контрола отидоа во Град Скопје повеќе пати во врска со тој предмет, постапија соодветно, се обратија до Одделот за компјутерски криминал, утврдија фактичка состојба. Утврдија дека конкретниот полициски службеник навистина постапил спротивно на закон и за него е отпочната дисциплинска постапка, која институционално ќе се разреши во рамки на МВР, изјави Тошковски. 

За предметот каде градоначалничката пред месец и пол два, пријави дека и се заканувало одредено лице, кое било присутно на терен додека таа вршела активности согласно нејзини надлежности, Тошковски, рече дека МВР има поднесено соодветна кривична пријава пред повеќе од месец дена.