ТИРЗ со најдобар прв квартал во последните четири години


Во технолошко индустриските зони е регистрирана највисока економска активност во прв квартал во последните четири години и во однос на извозот и во однос на увозот, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.

Така, во првиот квартал од 2021 година извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата достигна износ од 776 милиони евра што е за 30 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. Во однос на 2018 година порастот е над 41 отсто. И на месечно ниво, извозната активност во март 2021 г. е највисока во изминатите четири години и достигна ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони евра повеќе од истиот месец во 2020 година. Компаниите активни во зоните и понатаму се носители извозот во земјата со над 48 отсто учество во вкупниот извоз што е највисок процент до сега.

И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе четири години. Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 736 милиони евра и е за 34 отсто повисок од првиот квартал лани, а дури за 50 отсто повисок споредено со првиот квартал во 2018 година. Во зоните во март исто така е регистриран највисоко ниво на учество во севкупниот увоз досега – 36 отсто. Истотака, месечниот увоз во ТИРЗ во 2021 година го надминува месечниот увоз за ист период во изминати четири години и е на ниво од 243 милиони евра односно 87 милиони евра повеќе од истиот месец лани.

Трендот на раст на увозот е поврзан и со зголемената инвестициска активност во зоните. Само во првиот квартал од годинава се потпишани договори со три компании чиј вкупни инвестиции се очекува да достигнат 50 милиони евра. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски неодамна најави и нови странски инвестиции.

„Изминативе 5 месеци успеавме да поттикнеме инвестициски проекти кај 15 компании кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и кои предвидуваат отворање на дополнителни 5.500 нови работни места. Едната е инвестиција во девет цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор,” изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Редовната месечна анализа на Дирекцијата за ТИРЗ за месец март покажува продолжување на позитивниот тренд и во однос на покриеноста на увозот со извозот. Така, во март 2021 нето извозот е 5 отсто, додека на државно ниво (за месец февруари) овој однос е -21 отсто.

Анализата покажува дека и во првиот квартал од годинава бројот на вработени во зоните останува стабилен. Во овие компании работат околу 14.000 лица, а во дел од нив веќе има постапки за отворање нови работни места.

„И во услови на криза предизвикана од Ковид 19 бројот на вработени останува стабилен, а кај дел од компаниите континуирано расте. Дури 60% од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, само актуелните инвеститори, без оние со кои сега разговараме се обврзани да отворат уште дополнителни 7500 работни места во следните неколку години. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес,“ вели Деспотовски.

Инаку, во 2020 година регистриран е раст на просечната бруто плата од 5,5 отсто и просечната нето плата од 2 отсто, при стабилен број на работни места, се вели во соопштението на ТИРЗ.