Тетовчанец тврди дека во тетовската болница немало апарати за заштита од пожар


Фото: Б. Грданоски

Ибин Емшиу, кој во трагедијата во тетовскиот ковид-центар ги загуби својот татко и брат, тврди дека плаќал на персоналот по 1.000 денари дневно за да се грижат за нив, дека во болницата немало апарати за противпожарна заштита и дека пожарот избувнал под креветот на соба 3.   Неговиот неподвижен 28-годишен брат кој боледувал од церебрална парализа. Во разговор за Дојче Веле тој изнесе повеќе тврдења.

„Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно.” Сумата која му ја побарале била 1.000 денари дневно, тврди Емшиу. 

Тој живеел во Италија заедно со таткото и неподвижниот брат. Тие летово дошле во куќата во селото Синичане на годишен одмор, но се заразиле со коронавирус. Откако минале низ вистинска одисеја за воопшто да бидат примени во болница, и Ибин Емшиу морал да допатува во земјата за да се грижи за нив.

Во модуларната болница не бил единствениот кој се грижел за своите најблиски. Вели дека речиси секој пациент имал по некој близок до него и тоа деноноќно.

„Не знам точно колку луѓе бевме внатре. Тој објект беше полн со придружници, кои спиеја таму, значи бевме околу 50 луѓе заедно со пациентите. Сите пациенти имаа придружници од нивните семејства кои ги чуваа деноноќно”.  

Во разговор за ДВ, Емшиу раскажува дека во недостаток на противпожарни апарати, огнот го гаселе со пластични садови за вода. 

„Противпожарниот систем не мора да биде како во Европа, но да имаше барем апарат со прашина за да го изгаснеме пожарот, ни тоа го немаше. Се обидувавме да го гасиме пожарот со некои  пластични садови со вода“, раскажува Емшиу. Тој се обидел да им помогне на своите најблиски, но не успеал ни да стигне до нив затоа што пожарот со молскавична брзина се ширел низ болницата. Забележал дека пожарот започнал под креветот на пациент во собата број 3, и бил придружен со црн чад кој брзо се ширел низ просториите. 

Емшиу забележал дека пожарот започнал во собата број 3, а оттаму молскавично се прошил низ болницата.

„Кога влегов во собата број 3 видов дека има пожар под креветот, и почна да чади, а потоа нешто експлодираше и тоа предизвика уште поголем чад.” 
Емшиу вели дека два дена пред несреќата, еден од докторите им рекол дека модуларната болница ќе се затвора, но не ја знае причината за тоа.

(Пренесено од Дојче Веле)