Тесна трка во Словенија – ќе се врати ли Јанша на власта?
Словенија денес ги одржува десеттите парламентарни избори од осамостојувањето, во атмосфера на неизвесна и тесна политичка трка меѓу актуелниот премиер Роберт Голоб и лидерот на опозицијата Јанез Јанша.
Право на глас имаат над 1,6 милиони избирачи, а гласањето се одвива од 7 до 19 часот. За 90 пратенички места се натпреваруваат 1.185 кандидати на 17 изборни листи. Првите неофицијални резултати се очекуваат доцна вечерва или најдоцна утре.
Според последните анкети, резултатот е речиси израмнет меѓу Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша и Движењето за слобода на Голоб. Аналитичарите оценуваат дека разликата е минимална, а кампањата била под силно влијание на меѓународните случувања и внатрешните политички поделби.
Во изминатиот период, Голоб се обиде да ја намали предноста на противникот преку економски мерки насочени кон подобрување на животниот стандард, како и преку активна надворешна политика. Од друга страна, Јанша настапуваше со пораки за враќање на традиционалните вредности и поостра политика кон миграцијата и невладиниот сектор.
Во фокусот на дебатата се најде и надворешната политика, особено ставот на Словенија кон конфликтот во Газа, кој предизвика силни реакции во јавноста и дополнително ја продлабочи поделбата меѓу политичките блокови.
Кампањата беше обележана и со аферата позната како „Црна коцка“, поврзана со објавување компромитирачки видеоснимки за наводна корупција. Јанша призна дека имал средба со лица поврзани со случајот, но негираше вмешаност во нивното објавување.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуална победа на Јанша може да донесе поостар политички курс и засилување на конзервативните политики, додека победа на Голоб би значела продолжување на центар-левиот правец и актуелните реформи.
Овие избори се сметаат за клучни за идната насока на Словенија, која повторно се наоѓа пред избор меѓу континуитет и политички пресврт.