Теренска вакцинација на скопските ученици од понеделник


Теренската вакцинација на учениците од основните и средните  училишта во градовите од внатрешноста почна вчера од страна на тимови од здравствени домови. Во Скопје теренската вакцинација ќе почне од понеделник. Од Здравствениот дом – Скопје велат дека вчера ги известиле основните училишта „Петар Поп Арсов“ и „Јан Амос Коменски“ дека в понеделник таму ќе биде организирана вакцинација на учениците. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека за време на вакцинацијата можат да присуствуваат и родителите, а треба да дадат согласност за детето да биде вакцинирано. Но нагласи дека граѓаните што се невакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат, па затоа треба да се вакцинираат, со што ќе се зголеми колективниот имунитет. Мерките за невакцинираните деца за прием во градинките и во училиштата не се препорака туку забрана.

„Секако дека може да бидат присутни и родителите, сето ова е со цел да се зачува здравјето на децата. Повторно ќе потенцирам, сите што не се вакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат. Починаа три деца што не беа вакцинирани. За жал, едното од нив не можеше да биде вакцинирано, бидејќи имаше друга болест. Работите што сакаме да ги постигнеме се должат на подигањето на колективниот имунитет. Потребно е што повисок процент на вакцинација од над 97 проценти за да има колективен имунитет и да не ни се случуваат вакви епидемии. За жал, процентот на вакцинирани за морбили беше 82 отсто, што укажуваше дека колективниот имунитет веќе е сериозно опаднат“, наведе Филипче.

Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, нагласи дека од почетокот на годинава до Агенцијата за лекови и медицински помагала стигнале  две пријави за несакани реакции од вакцината МРП, за зголемена телесна температура и мали болки, додека лани стигнале само три пријави.

„Станува збор за исклучително безбедна вакцина која не пројавува никаков проблем кај децата. Тоа треба да го знаат родителите и да бидат сигурни и во квалитетот и во безбедноста на вакцината“, рече Грозданова.

Министерот рече дека во изминатиов период имало недостиг на некои типови вакцини, меѓутоа во текот на седмицата имало дистрибуција на вакцини од новата набавка. Тој уверува дека во сите вакцинални пунктови има вакцини во доволни количества.

Мултисекторската група, која беше формирана пред неколку месеци, увидела дека има позитивни законски прописи кои укажуваат на тоа дека имунизацијата е задолжителна.

„Контрадикторноста беше во делот кој пропишува дека и основното образование е задолжително, но во ситуација на епидемија се знае како се постапува и реагира и во таа насока беа сите наши мерки. Пред два дена се консултирав и со министерот за образование и наука, Арбер Адеми. Нашите ставови се координирани. Сега продолжуваме со теренската вакцинација, повторно ќе има средба мултисекторската група за да видиме дали треба да направиме некои законски измени“, рече Филипче.

Во моментов има 1.081 граѓанин заболен од морбили, а од почетокот на епидемијата во декември минатата година во Скопје, досега се вакцинирани 73 отсто од невакцинираните деца. Процентот на вакцинирани деца од вкупниот број невакцинирани надвор од Скопје е 23 отсто. Во државава  МРП-вакцина немаат примено 22.612 деца на возраст до 14 години. Во текот на неделата се пријавени вкупно 121 пациент со мали сипаници, од нив 79 се од Скопје. Потребно е да се засили вакцинацијата на предучилишните деца надвор од Скопје, каде што од 19.494 невакцинирани, вакцинирани се само 5.129 деца.

Инаку, од 1 јуни ќе почне да важи новиот календар за имунизација. Се  воведуваат две нови вакцини против рота-вирусот и пневмококна вакцина, кои ќе бидат наменети за новороденчињата, а ќе треба да ги примаат на два, три и четири месеци.

Вероника Мароска-Леова