Тендер за трет мобилен оператор мора да има, вели Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Тендер за нов трет мобилен оператор мора да има, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски според кој, вчера потпишаниот Меморандум за соработка со телекомуникацискиот оператор „4иГ“ е необврзувачки и со него компанијата само пројавува интерес.

Како што изјави Мицкоски, тендерот ќе биде распишан во периодот што следи. Сега, компаниите што се заинтересирани го анализираат пазарот и можеби ќе има и други што ќе потпишат меморандум.

Според премиерот, за Владата е највжаен интересот на граѓаните – поголема конкуренција и пониски цени.

– Тендер мора да има. Меморандумот е необврзувачки со кој компанијата „4иГ“ пројавува интерес дека е заинтересирана да се појави на тој тендер, не може тоа да биде дадено во четири очи. Доколку има и други компании што се заинтересирани и сакаат да потпишат ваков необврзувачки меморандум, тоа ќе биде потпишано, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден.