Тажни слики оставија пожарите во селата во Кумановско (Галерија)


Илустрација: Опожарена куќа во Четирце - Фото: Б. Грданоски

Пожарите во Кумановско се изгаснати, соопштија попладнево надлежните, но мирисот на изгорено, пеплосани, куќи, плевни со жито, фарми со стока, изгорени ниви ве дочекуваат штом завлезете во селата кои неколку дена се бореа со огнената стихија. 

Ивица Петровиќ, жител на селото Четирце, денеска си го расчистуваше имотот, односно она што остана откако пламените јазици му ја изгореле фармата на која чувал 11 крави, а изгорела и плевната со жито.

Ивица Петровиќ расчистува по пожарот што му ја изгоре фармата со стока и плевната со жито – Фото: Б. Грданоски

Пожарот помина, штетата е направена, но животот оди понатаму, па тој со своите две раце и помош од сопругата се обидува да се издигне од пепелта. 

Изгорената фарма со стока и плевна со жито на Ивица Петровиќ во Четирце – Фото: Б. Грданоски

Тажно е да се погледне во остатоците од шталата, каде до пред некој ден ги молзеле кравите и им фрлале сено за храна. Мириса на оган, чад, изгорено, печено… Во аголот се забележуваат нагорени ќерамиди, а Петровиќ го преместува она што е здраво во цврст изграден објект. Огнот сега го нема, ама кој знае, може пак да се врати. 

Изгорената фарма со стока на Ивица Петровиќ во Четирце – Фото: Б. Грданоски

Слично е и во селата во близина. Изгорени куќи, плевни, кошници со пчели, овоштарници, ниви… Некои велат изгорени се и црквички повисоко во планината, но таму сè уште не е безбедно да се појде, ниту пак може да се стигне на вистинското место, ако некој од мештаните не ве однесе. 

Изгорени куќи во Довезенце – Фото: Б. Грданоски

Сепак, и овие слики доволно кажуваат за пустошот што зад себе го остава огнот. Дали почнал од палење стрништа, или несовесност при правење скара, дали е човечки фактор или почнал сам од себе, воопшто не е важно. Луѓето како Петровиќ остануваат без сè што досега граделе, печалеле, вложувале. Почнуваат од почеток. 

Опожарена куќа во Четирце – Фото: Б. Грданоски

На подрачјето на Кумановско во моментот нема активни пожари, информира попладнево градоначалникот Максим Димитриевски. Пожарот во село Бељаковце и Довезенце е изгаснат, но теренот дополнително ќе се пребарува. Според командирот на територијалната противпожарна единица, Куманово, Дејан Илиевски, на таа локација ќе остане дежурна екипа.

Опожарени ниви во Четирце – Фото: Б. Грданоски

– Благодарност до сите тимови кои пет дена работеа на гасењето на пожарите во Куманово и регионот. Остануваме во приправност, подготвени да помогнеме на другите општини, напиша Димитриевски.

Изгорени ниви во Четирце – Фото: Б. Грданоски

Денеска седница одржа и Општинскиот штаб за заштита и спасување кој апелира граѓаните да се воздржат од палење стрништа и отпаден материјал во дворови и на отворен простор за да се спречи настанување пожар. Од Штабот ги повикаа граѓаните да пријават до надлежните институции сомнителни движења на лица и возила, можни причинители на пожари.

Во продолжение погледнете ги фотографиите на нашиот фоторепортер Б. Грданоски:

Изгорена плевна со жито во Клечовце – Фото: Б. Грданоски
Изгорена плевна со жито во Клечовце – Фото: Б. Грданоски
Изгорена плевна со жито и кошници со пчели во Клечовце – Фото: Б. Грданоски
Изгорената фарма на Ивица Петровиќ во Четирце – Фото: Б. Грданоски
Изгорена плевна во Клечовце – Фото: Б. Грданоски
Изгорената фарма на Ивица Петровиќ во Четирце – Фото: Б. Грданоски
Изгорената фарма со стока на Ивица Петровиќ во Четирце – Фото: Б. Грданоски
Опожарени ниви во Четирце – Фото: Б. Грданоски