ТАВ се приклучи на иницијатива за намалување на штетните гасови


 ТАВ Аеродроми денеска ја потпиша Декларацијата од Тулуз, приклучувајќи се на глобалната воздухопловна иницијатива кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид во животната средина, предводена од 200 европски аеродроми и вкупно 400 аеродроми на светско ниво, коишто се веќе сертифицирани согласно Програмата за акредитација на аеродроми за управување со јаглерод.

Тулуската Декларација е воведена од страна на француското претседателство со ЕУ, денеска, како прв чекор во делот на јавно-приватната иницијатива, со цел поддршка на европското воздухопловство да достигне нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

Како членови на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe), ТАВ Аеродроми во Турција, Северна Македонија, Грузија и Казахстан ја имаат честа да бидат на листата на потписници на ACI Europe на Тулуската Декларација.

Целта на европските аеродромите што ја имаат потпишано оваа Декларација е да се работи заеднички со клучните чинители во воздухопловната индустрија, со заедничка цел за намалување на емисии на јаглерод диоксид во животната средина и достигнување на нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

– Секој еден аеродром што ја потпишува оваа Декларација прави видлива разлика за нашата иднина како индустрија, како на економско така и на општествено ниво. Тие продолжуваат да демонстрираат амбиција, визија и извонредност во нивните одржливи активности. Мојот восхит и честитки за секој од нив, изјави Оливиер Јанковец, генерален директор на ACI EUROPE.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак рече дека со потпишувањето на Тулуската Декларација и со следење на мапата на индустријата на ACI, како нивна членка, ќе работат заеднички со сите воздухопловни чинители и засегнати страни за да ја постигнеме крајната цел – нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

Тулуската Декларација го означува првиот пат кога европските влади, Европската Комисија, индустријата, синдикатите и други клучни чинители и засегнати страни и формално се усогласуваат за декарбонизација на воздухопловството.

Ова е момент од огромно значење, кој го отвора патот за конкретните следни чекори, како во воспоставувањето на Пактот на ЕУ за декарбонизација на воздухопловството, така и на глобално ниво, во периодот додека ICAO на Обединетите Нации постави глобална цел за меѓународното воздухопловство кон крајот на оваа година.