Таравари и предвидува траење од пет до шест месеци на новата влада
Алтернатива самата ќе донесе одлука дали да се приклучи кон Влада во која е ДУИ, но за лидерот на Алтернатива Африм Гаши како личност имам најубави зборови, изјави Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијанса за Албанците, пред средбата на Гаши со премиерот Зоран Заев на која ќе се разговара за влез на Алтернатива во Владата, а која треба да се одржи денеска.
Смета дека оваа Влада нема да „плови“ подолго од пет – шест месеци. За својот коалициски партнер Таравари нема лоши зборови, особено не за Гаши.
„Африм е еден од најхуманите луѓе што ги имам сретнато во животот. Можеби имавме грешки во коалициската соработка кон нив, можеби имаа грешки и тие, не постигнавме добри резултати како албанска опозициска коалиција на изборите иако имавме многу добри кандидати. Беким Сали во Чаир веројатно беше најдобриот кандидат од сите што имале свои кандидати на локалните избори. Но, не успеавме. Се разбира, секоја партија понатаму има право на сопствени одлуки“, изјави Таравари за Шења.
Инаку, плановите во СДСМ и коалицијата се менуваат од ден за ден. Пред три дена беше најавена реконструкција и влада „Заев три“, а сега се шпекулира за нов мандатар и нова влада. Во моментов, според извори од Алтернатива, расположението за влез во Владата било „пола-пола“, а во која насока ќе се движи – ќе зависи од аргументите што ќе ги понуди денеска Заев. Доколку разговорите со Гаши денес завршат со договор, четири пратеници на Алтернатива ќе го зајакнат мнозинството. Но, според извори од албанскиот блок партии, можно е тоа да биде зајакнато и со еден пратеник од Алијанса за Албанците и од Беса, па најоптимистичките прогнози одат и до 66-67 пратеници на мнозинството.
Првата влада предводена од Заев беше избрана на 31-ви мај 2017 година, а втората на 30-ти август 2020 година.