Tри месеци во „џебот“ на претседателот: Јазиците не можат да дишат од Иванов


Претседателот Ѓорге Иванов веќе трет месец го чува во „џеб“ Законот за употреба на јазиците, така што СДСМ и ДУИ ниту на годишнината од формирањето од Владата не можеа да се пофалат дека е реализирана клучната точка од нивниот преткоалициски договор. Законот, кој беше наведуван  како главна причина за повеќемесечните протести пред парламентот, го помина двапати тестот на парламентарното мнозинство, ама заглави во претседателската резиденција поради што сѐ уште не е објавен во „Службен весник“, иако по вторпат беше донесен на 14 март, а првпат во јануари годинава.

Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека на неколку средби се обидел да го мотивира претседателот Иванов, посочувајќи му дека треба да го потпише Законот и да дозволи за неговата уставност да одлучува надлежниот суд. Според Заев, со блокирањето на овој закон се блокира и парламентот во извршувањето на своите уставни надлежности.

„Со непотпишувањето на овој Закон се праќа порака дека Иванов може кога сака да стави ‘џебно вето’ и на кој било друг закон. Тоа не е функционална демократија. Одговорноста е голема. Треба да се остави тој закон да дише. Ако дише и ако со тој закон се зголемуваат одредени права, полесно ќе влеземе во процес на преговори и отворање поглавја со ЕУ“, изјави Заев.

Тој посочи дека за законот треба да се слушне и ставот на Венециската комисија. Исто така, нагласи дека Уставниот суд одлучува што е уставно, така што, како што рече, и ако има нешто проблематично во регулативата, тоа може да се промени.

Уставниот суд не може засега да ја оценува уставноста на законското решение кое со месеци ги подгреваше страстите во законодавниот дом, затоа што тоа не е стапено на сила, што би се случило со неговото објавување во „Службен весник“. Спикерот Талат Џафери најави уште еднаш минатата седмица дека ќе го испрати законит на објавување и без потписот на Иванов, ама не прецизираше кога би се случило тоа. Џафери посочи дека мора да има гаранција дека Законот ќе биде објавен, затоа што не станува збор за негова индивидуална одлука, туку за институционална.

„Не е спротивно на Уставот ако Законот се испрати до ‘Службен весник’ само со мојот потпис. Јас сум овластен да го потпишам законот, а Иванов со неговото непотпишување го крши Уставот и прави кривично дело кое не застарува“, изјави Џафери.

Сепак, според информациите, на последната редовна координација во парламентот не се разговарало за понатамошното процесирање на Законот за употреба на јазиците за тој да може да стапи во сила.

„Впечатокот е дека тоа прашање како да е заборавено и како свесно да е оставено отворено“, коментираат собраниски извори.

Во изминатиот период, од владејачката коалиција во повеќе наврати доаѓаа оценки дека Иванов го прекршува Уставот со тоа што не потпишува закон кој е донесен по вторпат со апсолутно мнозинство, иако во таква ситуација шефот на државата е обврзан да стави потпис. Неговото право на вето се исцрпува со првото непотпишување бидејќи македонскиот Устав предвидува само суспензивно, а не и апсолутно или т.н. џебно вето. Но, и покрај тоа, досега не е поднесена пријава против Иванов за кршење на Уставот или за злоупотреба на службената позиција, а едно од образложенијата е дека тој ужива имунитет од кривично гонење додека е на чело на државата, така што тужбата би можела да почека бидејќи станувало збор за дела што не застаруваат.

Исто така, премиерот Заев едно време најавуваше одредена иницијатива пред Уставниот суд која би можела да го деблокира Законот. Ама и тоа не се реализираше досега, иако се споменуваше можноста да се побара од Уставен суд да одлучува по основ на судир на надлежности меѓу законодавната и извршната власт.

Сега, преседанот што го направи Иванов со непотпишувањето на Законот за јазиците претставува закана и за очекуваниот договор меѓу Македонија и Грција, по неговата евентуална ратификација во македонскиот парламент. Таква можност Иванов навести со своите ставови дека нема да прифати име за севкупна употреба. Од друга страна, очекувањата се дека во случај на договор за името, Иванов би се соочил со силен меѓународен притисок доколку се обиде да го опструира решението, што не беше случај со Законот за јазици.

 (А.М.М.)