Сѐ уште не правиме разлика меѓу репрезентативна култура и невкус: Интервју со Зоран Анчевски, поет и преведувач

Накусо и парадоксално, колку повеќе влијанија ќе гушнеме, толку повисока оригиналност ќе постигнеме во сопственото дело, вели Зоран Анчевски во интервју за„Независен“


Фото: Б. Грданоски

 

„Колку повеќе се отуѓуваме, алиенираме од светот и од себеси, толку повеќе јазикот го разбираме како уште едно средство за изразување на нашите потреби, но не и како средство за осознавање на тие потреби. Без претерување, наскоро раскошните класични описи на трпезата може да ни се претворат во „њам-њам“ со можна додавка на уште едно „њам“ доколку ни е по вкус, и толку. Сѐ повеќе ќе ја храниме вештачката интелигенција да ни создава поезија по личен ќеф и маштаб, а ќе ја оставиме сопствената природна интелигенција да дембелее до дебилност. А тука некаде ќе ни биде и крајот, вели Зоран Анчевски во интервју за „Независен“ по повод најновата награда за поема „Григор Прличев“ за „Коњски житија“ ( Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид).

Зоран Анчевски (1954, Скопје) е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист, доктор по филолошки науки. Добитник е на повеќе награди и признанија приредил и превел на англиски јазик антологиски избори на македонска поезија и куса проза, а избори од неговата поезија се преведени и објавени на повеќе од дваесет јазици во странски списанија и антологии.

За поезијата, за домашната литература, за помошта од државата не само за литературата, туку и за целата (мулти)култура во неа, зошто СВП во светот е се уште ексклузивен поетски фестивал, а кај нас не, во продолжение на интервјуто.

Фото; Б. Грданоски

Поводот за разговорот е најновата награда за поема „Григор Прличев“ за „Коњски житија“. Наградите не ве одминуваат, вие сте меѓу ретките автори што два пати ја добиле наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за четири години, многу посакувана меѓу нашите автори. Признание, радост, статус- како гледате на наградите?

– Да, наградите „Браќа Миладиновци“ и „Григор Прличев“ во отсуство на државна награда за поезија, според мене се најреномираните и најважните награди за поетско творештво кај нас и сон на секој поет. Притоа, доколку еден автор во рок од четири години ги добие обете (при што едната двапати за две последователни книги), претставува не само голема радост за авторот туку и највисока можна потврда и особено признание за тоа што го твори. Јас веќе сум на возраст кога од авторот се очекува да влезе во најзрелата фаза од неговото творештво, па токму затоа овие награди ми се исклучително драги бидејќи од причини што често бев на чело или членував во управни одбори што раководат со наши врвни поетски манифестации и асоцијации ги повлекував своите книги од конкуренција поради можен судир на интереси, па така претходните развојни фази од моето творештво не беа одбележани со вакви високи награди и признанија.

Наградата „Григор Прличев“ ми е особено драга бидејќи читателите и љубителите на поезија ме знаат како автор на збирки со куси поетски форми за кои веќе добив две награди „Браќа Миладиновци“, па затоа ми претставуваше предизвик да се обидам и во полето на поемата, што е значително подолга форма. Таа од авторот бара не само поетска зрелост и концентрација, туку и посебна стратегија: најпрвин обемна подготовка што вклучува избор на подобна тема, собирање материјали, нивна селекција и дури потоа нивно преточување во стихови внимателно следејќи го узусот на поемата. Очигледно, добивањето на наградата за „Коњски житија“ е признание дека сум успеал како поет во обидот да ја совладам и оваа форма. Но таа, како и секоја друга награда, ме обврзува да опстојувам во напорите за понатамошен растеж и надградба како автор и човек.

 

А на критиката, со оглед на тоа дека секогаш имаше пофални зборови за вас, како еден од носечките фигури на современата македонска поезија, уште при појавата на вашата дебитантска збирка „Патување низ скршени слики“ за кој критичарот Атанас Вангелов во предговорот напиша дека е „спротиставеност од свежина, од една страна, но и зрелост, од друга, што е се уште реткост во македонската поезија, 35 години подоцна“?

– Ценетиот Атанас Вангелов, како претседател на комисијата за избор на најдобра дебитантска книга во издание на Книжевна младина на Македонија, во образложението и подоцна во предговорот на наградената збирка „Патување низ скршени слики“ даде многу прецизна критичка оценка за мојот првенец и на тој начин ме задолжи уште посериозно да се посветам на проучувањето и усовршувањето на поетските стилови, изрази и техники. Тој во мојата книга виде и најде нешто што јас можеби го насетував, но како млад поет, сѐ уште не бев сосема сигурен во неговата валидност, иновативност и приемчивост. Но, секако, таа награда за мојата прва книга ме окуражи и ми беше неопходен ветар за моето поетско едро тоа да продолжи понатаму и да започне со поголема храброст и умешност да се справува со недоброј искушенија во текот на пловидбата до зрелоста, што впрочем го чекаат секој млад автор кој сериозно се зафатил со занаетот на зборот. Триесет и пет години подоцна и по десетина поетски збирки за кои критиката секогаш пофално се произнесуваше, поттикот искажан за мојата прва книга, мојата упорност и посветеност на полето од поезијата вродија со резултат што е повеќе од евидентен.

 

Каде ја наоѓате инспирацијата за својата поезија? Дали таа е интимна или глобална, реална или фиктивна, ангажирана или фокусирана на чистата книжевност?

– Сѐ околу нас е поезија – светот и нештата во него, нашите искуства во животот, но и нашите мечти и соништа, а моќта на поетот да ја созерца и открие поезијата во нив е слична на моќта на скулпторот да ја открие скулптурата во каменот, како и онаа на музичарот да ја чуе и набележи музиката на сештото и ништото или, пак, на сликарот да ја „оживее“ белината на платното. Значи, материјалот за уметноста е ист, но различен е пристапот кон артикулацијата и реализацијата на уметничкото. Покрај тоа што уметникот треба да поседува изразена перцептивна моќ, тој исто така треба да знае како да го универзализира личното и обратно, да го персонализира универзалното. А тоа, пак, не е едноставна задача и за неа не се неопходни само инспирацијата интуицијата и талентот, туку пред сѐ и над сѐ – знаењето. Тоа, како и секое друго знаење, се стекнува со учење, со внимателно следење, вслушување и вгледување во светот околу нас и со помно и сосредоточено „читање“ на сите автори кои оставиле длабока трага во еволуцијата на уметничкиот израз, без оглед дали се работи за сликар, скулптор, композитор, прозаист или поет. Патот до она што го нарекувате „чиста книжевност“ или уметност воопшто, не е едноставен и лесен. Мнозина се обиделе и не успеале на тој пат иако и нивниот обид треба да се цени бидејќи и нивните водотеци се влеале во матицата од „чистата книжевност“.

 

Дали е полесно да сте автор или во жири?

–  Интересно прашање. Сметам дека е полесно да се биде автор бидејќи тогаш си сам со себеси, што се вели. Тогаш самиот си и критичар и судија на сопственото дело. Се разбира, може да бидеш попустлив, но често и преостар кон своето дело. Но пак си свој на своето. Одговорноста за делото е од мене за мене, но и од мојата проекција за тоа како него ќе го прочита мојот дистанциран и анонимен, идеален читател. Со времето научив да бидам непопустлив кон себеси, така што имам многу „рефус“ кога оценувам што треба да влезе или да не влезе во идната книга. Но како и да е, тој рефус или фира не е материјал за фрлање. По некое време повторно му се навраќам, го доработувам и полирам сѐ до моментот кога ќе го остварам тоа што ќе биде според мојот вкус или намера. Ако повторно не можам да се справам со него – го оставам да отстои уште некое време. Со жирирањето работите стојат поинаку. Тогаш се ставам во позиција на идеалниот „читател“ кој треба да даде оценка за туѓото дело. И тука сум многу строг и непопустлив, не подлегнувам на влијанија и аргументирано го бранам својот став или оценка за делата што се предмет на жири комисијата. Често во жири комисиите се јавуваат попречни мислења и иако некој ќе рече дека за личните вкусови не се дискутира, сепак силата на аргументите треба да се почитува. Значи, да се биде во жири е исто така одговорна работа и ќе речам, знаењето е повторно од апсолутна важност. Доделувањето награда од страна на жири комисија е од огромна важност бидејќи често наградите го одредувале правецот (или барем трендот) на одреден книжевен жанр во различни книжевни средини и мигови, т.е. поставувале репери на вредности кон кои би тежнееле авторите или обратно, веднаш би ги отфрлиле. Можеби затоа ретко се барало од мене да сум член на жири комисии или да претседавам со нив.

Фото: Б. Грданоски

Како ја оценувате домашната литература? Дали имаме нови автори кои можеби ќе ја достигнат славата на своите претходници или на оние кои не промовираа во светот?

– Нашата литература си живее и се развива според условите што нашето општество може да ѝ ги обезбеди и понуди за нејзиниот прогрес и натамошен развиток. Со оглед на тоа дека сме мало и сиромашно општество во кое, покрај на македонскиот, литература се пишува и на други јазици, неопходна е помошта што државата ја одвојува не само за литературата, туку и за целата (мулти)култура во неа. Малиот пазар за конзумирање на таа култура и литература си го чини своето, па затоа кај нас нема самостојни издавачи, туку сите зависат од државните субвенции. Има и такви што може да бидат, но сепак повеќе сакаат да се приклонат кон државната боска. Но колку посиромашно општеството – толку пониски субвенциите. Така, објавувањето на резултатите на Министерството за култура се доживуваат како врвен настан во нашата не/култура бидејќи е проследен, честопати со право, со бројни скандалозни ситуации. Затоа сметам дека нашето Министерство и по многу обиди сѐ уште нема изградено приоритети за субвенирање на вистински проекти од културата што самата по себе е елитистичка и не разлачило што е тоа што е неопходна, репрезентативна култура од национална важност или на тоа што е субкултура со инвентивни и провокативни предизвици, од она што се вика невкус, пежоративен традиционализам со примеси на евтин провинциски локал-патриотизам. Делењето на дробната пара по клуч или по не знам какви формули, ниту е клуч, ниту е формула за здрава култура, па оттаму и литература. Но тоа е веќе домен на културната политика и за тоа имаме избрано луѓе кои треба добро да ја разбираат културата и подготвено да одговорат на нејзините потреби или барем да одговараат доколку не го сториле тоа.

Нашата литература од генерација во генерација си ја остварува својата улога и функција. Можеби нашите претходници живееја и твореа во извонредно поволни услови што ги уживаа како „основоположници на ова или она“, што за жал ние, и генерациите по нас веќе не сме. Тешкиот аманет што тие ни го оставија е да го одржиме, продолжиме и унапредиме веќе постигнатото од нивна страна, што сметам дека потешка задача. Иако условите сега се далеку под нивото на условите што тие ги уживале, нашата литература, макар и во сиромаштија, чекори напред и ги следи сите книжевни трендови што се случуваат во светот. Ме радува завидната книжевна „писменост“ на помладите генерации, но (што е за очекување) и тука веднаш се диференцира елитата од медиокритетството, имитацијата, епигонството и кичот… а, на крајот на краиштата, сметам дека е добро што е така. Значи, и покрај сѐ, сѐ уште имаме жива и вирална литература. Што се однесува на генерациите автори пред нас, морам да забележам дека ние сѐ уште не сме успеале да изградиме доволно дистанциран и критички однос кон нивното творештво, т.е. нивно превреднување, за да би си обезбедиле нешто посигурна творечка иднина за нас и за поколенијата по нас.

 

На кој светски автор се воодушевувате и повторно му се навраќате?

– Не би се изјаснувал многу по ова прашање бидејќи такви автори на мојот список има многу и доаѓаат од различни традиции, јазици и култури, како и од различни литературни формации – од (пред)класиката до денес. Но би рекол дека секој автор кој сака да држи до себеси и до своето дело мора да има автори што го воодушевуваат и на кои постојано им се навраќа. Не ќе бидам првиот кој ќе забележи дека без читање автори и дела од други литературни традиции, не ќе знаеме каде се наоѓа и како котира нашата литература. Без воодушевеноста од туѓи дела не може да градиме ни однос кон сопственото дело. Накусо и парадоксално, колку повеќе влијанија ќе гушнеме, толку повисока оригиналност ќе постигнеме во сопственото дело.

 

Вашето име е нераскинлив дел од Струшките вечери на поезијата, и како автор, и како претседател на УО на фестивалот. Чинам дека вие на времето, поточно во 1994 година, го донесовте и големиот поет Тед Хјуз во Струга, како лауреат, што во тоа време беше културна бомба. Дали, според вас, СВП го задржа тој ексклузивитет низ годините?

– Многупати сум изјавувал дека сум израснал со и во СВП: од студент-волонтер во втората половина од седумдесеттите години од претходниот век, до член на Советот и најмлад член на Комисијата за доделување на наградата „Златен венец“ во почетокот на деведесеттите, па сѐ до претседател на УО во првата деценија од овој милениум. Истовремено растев и како преведувач, осмислувач на содржините од фестивалот и раководител на истиот – но пред сѐ, како автор. Да, целосно се заложив за доаѓањето и презентирањето на Тед Хјуз на СВП кога Балканот беше воена зона и обилно крвареше од граѓанската војна по распадот на Југославија, па веднаш по него и на големиот Јехуда Амихај, а за време на конфликтот во Македонија и на нобеловецот Шејмас Хини, како и на ред други големи имиња на светската поезија потоа. Без оглед колку во тие тешки времиња ексклузивно звучеше присуството на овие крупни поетски имиња на тогашните фестивали, би рекол дека неговите раководства секогаш многу вложувале во неговиот ексклузивитет. Но додека за поетите во странство СВП сѐ уште важи за врвен и престижен поетски фестивал, морам да заклучам, за жал, дека нашата домашна јавност го загуби чувството за ексклузивитетот на сопствениот фестивал од светски ранг. Како да се удавивме во малодушност, како да папсавме и да го загубивме чувството за жива традиција, за трајни вредности и, како и за сѐ друго кај нас во последно време, постои опасност тој да стане заложник на потребите на медиокритетите и на некои локални политички моќници и манипуланти кои и онака одвај да вложуваат некој денар во неговата организација и постоење.

СВП сѐ уште важи за врвен и престижен поетски фестивал, но за жал, нашата домашна јавност го загуби чувството за ексклузивитетот на сопствениот фестивал од светски ранг

Сѐ уште одреден круг на луѓе ја разбираат длабоката вредност и уникатно значење на поезијата преполна со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме. Дали поезијата се уште може да го смени светот?

– Синтагмата “одреден круг на луѓе“ не ќе да е сосема точна. Сите ние го изразуваме нашиот светоглед низ јазикот, што ќе рече дека сите ние светот го спознаваме низ симболи бидејќи зборовите не се предмети, туку симболи-означители на предметите. Затоа првоговорот е и првата поетска творба, но… Колку повеќе се отуѓуваме, алиенираме од светот и од себеси, толку повеќе јазикот го разбираме како уште едно средство за изразување на нашите потреби, но не и како средство за осознавање на тие потреби. Без претерување, наскоро раскошните класични описи на трпезата може да ни се претворат во „њам-њам“ со можна додавка на уште едно „њам“ доколку ни е по вкус, и толку. Сѐ повеќе ќе ја храниме вештачката интелигенција да ни создава поезија по личен ќеф и маштаб, а ќе ја оставиме сопствената природна интелигенција да дембелее до дебилност. А тука некаде ќе ни биде и крајот.

Поезијата ниту може, ниту, пак, некогаш можела да го смени светот. Но таа може да му ја смени душата на човека: да ја охрабри и облагороди во време на падови и кризи, да ја окуражи и надгради во време на празнотија и беда, да ни ухне малку верба во овој свет на недоверба. Во таа смисла поезијата ја надминува философијата и се преплетува со религијата и не е нималку случајно што најубавите пасажи од светите книги на сите религии во светот се пишувани во поетска форма. Како и да е, сигурен сум дека доколку поезијата може да влијае врз душата на поединецот, тогаш индиректно може да го смени и светот. Но поетите не се диктатори, па ваквото сфаќање да му го наметнат на поединецот.

 

А дали „пресилниот збор може да нѐ убие“, како што пишуваше некогаш Бранко Миљковиќ?

– Ако на почетокот беше зборот, тогаш зошто тој не би бил и на крајот? Да, зборот може да убие, но само во фигуративна смисла. Тоа, пак, зависи од нашата вештина за употреба на зборот чија тежина и сила не ја одредува тој самиот, туку тие зависат од мигот и контекстот во кој што е зборот изречен. Едно е кога на крајот од некој филм ќе го прочитаме зборот „крај“, а друго е кога го читаме во писмо со кое љубениот или љубената става крај на нашата љубов или ако истиот тој збор го прочитаме испишан врз хоризонтот за време на Судниот ден. Неговата „убиствена“ сила исто така зависи од примателот на тој збор, од неговиот индивидуален, личен духовен контекст во мигот кога го прима зборот од што, пак, зависи и интензитетот на влијанието што зборот ќе го има врз него. Така, чинам дека елиптично се враќам кон одговорот даден на претходното прашање.

 

Вие сте и литературен преведувач и до предминатата година професор по англо-американска литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Дали го преведувавте она што го сакавте, и што за вас значеше работата со студентите?

– Уште како студент по англиска филологија многу рано ми се наметна потребата од стекнување искуството во доменот на книжевниот превод, што подоцна ми стана пасија. Во тоа време на прсти се броеја книжевни преведувачи од англиски на македонски јазик, а уште помалку обратно – од македонски на англиски јазик. Предизвикот беше огромен, како и полето за работа бидејќи кај нас книжевните преводи од англиски јазик воглавно се читаа на т.н. српскохрватски јазик. Ја чувствуваме неговата доминација, но истовремено кај група мои малку повозрасни колеги и колешки, меѓу кои и сега веќе многу познатите автори Горан Стефановски и Драги Михајловски, се јавуваше желбата да преведуваме книжевни дела директно од англиски на македонски. Па така, небаре програмски, Горан се зафати со преводи на драма, а јас и Драги со проза и поезија. На почетокот го преведувавме тоа што го сакавме и најчесто го објавувавме во периодиката, а потоа почнаа да доаѓаат и нарачки од наши реномирани издавачки куќи. По моето враќање од постдипломските студии во САД, се охрабрив да преведувам наши автори на англиски јазик, па така до денес речиси и да нема некој реномиран македонски поет да не сум го превел (помалку или повеќе) на тој јазик. Повеќе децениското искуство ми потврди дека книжевниот превод е исто така макотрпна работа и неопходни бара не само одлично познавање на странскиот јазик, туку и длабоко познавање на книжевните можности, способности и валери на мајчиниот. Затоа, иако студенти по англиска филологија, гладно читавме сѐ што веќе се имаше објавено и што се објавуваше како оригинална македонска литература, но и преведена литература, не само од англиски јазик туку и од други странски јазици. Така учевме за преводот и стасавме до каде што стасавме.

Што се однесува до наставата, јас имав голема среќа повеќето од мојата универзитетска наставна кариера да ја минам со предавање различни курсеви по англиска и американска поезија, што се покажа како бесценет опит не само во мојата наставна и преведувачка дејност, туку и во моето зреење како поет. Во наставата и во преводот давав многу од својот елан и ентузијазам, но и акумулирав огромна енергија за сопственото творештво. Тој реверзибилилен процес на давање и земање ме крепи до ден-денес.

 

На Филолошкиот факултет во Скопје, како што спомнавте, бевте препознатлив двоец со вашиот колега Драги Михајловски, кој, за жал, прерано нѐ напушти. По што ги паметите тие години?

– Да, веќе спомнав дека со Драги имавме заеднички почетоци и долгогодишна соработка како книжевни преведувачи и творци. Заедно учевме, работевме, се поттикнувавме, читавме, се поддржувавме, критикувавме и корегиравме. Многу искрен колегијален и пријателски однос што траеше сѐ до заминувањето на Драги. Наградата од таквото пријателство е бесценета и затоа секому му пожелувам да го искуси тоа богатство. Но, за жал, и празнината од неговата загуба е длабока и ненадоместлива.