СЗО: Вакцината на „АстраЗенека“ е добра и за лица над 65 години
Швајцарија– Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека вакцината на „Астра зенека“ може да им се дава и на лица постари од 65 години, пренесува Би-би-си.
Експертите на СЗО велат дека вакцината на „Астра зенека“ треба да се користи и во земјите каде што циркулираат варијанти на коронавирусот, што ги прават вакцините помалку ефикасни.
Поголемиот интервал помеѓу две дози од вакцината на „Астра зенека“ ја прави поефикасна, сметаат експертите на СЗО.
Стратешката група на специјалисти за имунизација на СЗО, попозната како SAGE, ги разгледувала податоците собрани од клиничките испитувања на вакцината.
Нивните привремени препораки велат дека таа има ефикасност од 63 %.
Но, податоците од клиничките испитувања во Јужна Африка велат дека вакцината нуди минимална заштита од благи и умерени форми на Ковид-19. Имено, варијантата на вирусот што циркулира во таа земја мутирала на начин што му помага на вирусот да избегне создавање имунитет преку вакцини или претходна инфекција.
Научниците од Оксфорд, кои беа вклучени во развојот на вакцината на „Астра зенека“, очекуваат дека таа треба да спречи вакцинирани лица да добијат потешки симптоми на Ковид-19 или да завршат во болница.
„Нема причина поради која употребата на вакцината на ‘Астра зенека’ не треба да се препорачува во земји во кои кружат нови варијанти на коронавирусот“, рече доктор Алехандро Кравијото, директор на експертската група на СЗО.