СЗО: Случајот со АстраЗенека е повик за тревога
Паузата што ја прави АстраЗенека со вакцината за коронавирусот откако на еден од учесниците во испитувањето се разболел, е „повик за тревога“, но тоа не треба да ги обесхрабри истражувачите, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
– Ова е повик за тревога за да препознаеме дека постојат подеми и падови во клиничкиот развој и дека треба да бидеме подготвени, рече научничката на СЗО, Сумија Сваминатан, на виртуелен брифинг во Женева.
– Не треба да се обесхрабруваме. Такви работи се случуваат, рече Сваминатан.
Светските влади очекуваат вакцината да помогне да се стави крај на пандемијата на Ковид-19, што предизвика повеќе од 900.000 смртни случаи и глобални економски превирања, а вакцината на АстраЗенека што се развива со универзитетот Оксфорд СЗО ја окарактеризира како најперспективна.
Сепак, производителот на лекови оваа недела ги прекина тестовите во доцна фаза, откако на учесник во Велика Британија заболел од невролошки симптоми.