Португалија под влијание на климатските промени: брегот се повлекува, плажите исчезнуваат


Лисабон – Меѓународната еколошка организација „Гринпис“ во својот последен извештај предупреди дека Португалија се соочува со најголема закана од климатските промени, имено дека морето се протега кон внатрешноста и дека околу 40 проценти од нејзините плажи се во опасност да исчезнат до 2100 година.

Во извештајот „Уништување по должината на брегот – Портрет на португалскиот брег во опасност“, Португалија е предупредена за непосредните ризици што ги претставуваат климатските промени и децениите развој и урбан притисок.

Како што е наведено, напредувањето на морето и повлекувањето на плажите не се ништо ново, но бурите што се случија во Португалија на почетокот на годината ја влошија ситуацијата, предизвикувајќи повлекување на плажите помеѓу 10 и 20 метри, а на некои места и до 40, објавува „Еуроњуз“.

Организацијата, исто така, наведува дека Португалија „станала епицентар“ на влијанијата од климатските промени и големите ризици поради нејзината крајбрежна линија од 2.500 километри и порастот на нивото на морето што е побрз од глобалниот просек.

Исто така, се проценува дека повеќе од 100.000 луѓе живеат во крајбрежни области кои се изложени на ризик од поплави.

Директорот на португалската филијала на Гринпис, Тони Мелајоки Ресерио, вели дека не можеме да чекаме плажа да исчезне, карпа да се сруши или инфраструктурата да биде компромитирана и дека со оглед на сите достапни сознанија, сега треба да се донесат политички одлуки за „заштита на луѓето, природата и територијата што им припаѓа на сите“.

Според Португалската агенција за заштита на животната средина (APA), на повеќе од 25 проценти од крајбрежјето на копното, морето се движи кон внатрешноста до два метра годишно во некои региони, со најалармантна ситуација во Каскаис, со просечно зголемување на нивото на морето од 9,7 сантиметри во последните 25 години.

Иако климатските промени често се наведуваат како главна закана, извештајот, исто така, го истакнува ширењето на урбаните области и туризмот, прекумерната градба во чувствителните области и вештачкото обликување на крајбрежјето како фактори кои го зголемиле ризикот и го уништиле или намалиле капацитетот на природните системи како што се дините и солените мочуришта.

Овие природни бариери се првата линија на одбрана од ерозија, поплави и навлегување на солена вода, а нивното уништување ја зголемува веројатноста за катастрофални настани.

Овогодинешните бури открија некои од проблемите истакнати во извештајот, со поплави предизвикани од обилни дождови, зголемување на нивото на водата, недостаток на пропустливост на почвата и недостаток на седименти на плажите.

Примери за тоа се плажата Коста де Лавос во Фигеира да Фоз, која забележа повлекување од 50 метри во последната деценија, и плажата Фаро, која изгуби 25 метри во ширина од 1950 година.

Исто така во Еспињо, брегот се повлекува за 5,2 метри годишно, Вијана до Кастело изгуби 30 проценти од својата површина на плажа од 1990 година, а градот Повоа де Варзим се соочува со висок ризик од ерозија и поплави.

Во централно-западниот регион, Авеиро е една од најкритичните области, со проекции за повлекување до 40 метри во Коста Нова во следните 20 години.

Во Лисабон и полуостровот Сетубал, Коста да Капарика е областа што најмногу страдаше од повлекувањето – околу 200 метри песок од 1960 година.

Брегот на Алентехо, кој е исто така под зголемен притисок од туризмот и урбанизацијата, е меѓу најпогодените – се проценува дека до 50 проценти од плажите на Алентехо би можеле да исчезнат до 2100 година, а дека околу 40 проценти од плажите во Алгарве би можеле да бидат изгубени.

За Гринпис, развојот по должината на брегот е „критичен мултипликатор на ризик“ во време на длабоки климатски промени, особено поради зголемувањето на нивото на морето.

Извештајот предупредува на особено загрижувачка ситуација во општините Сесимбра и Грандола, во округот Сетубал, каде што имало многу „примери за непочитување на правилата за заштита“.

Во извештајот се истакнуваат проекти во општина Сесимбра, како што се Пињал да Прата, Пињал до Атлантико и Етосото, кои зафаќаат повеќе од 260 хектари во заштитени подрачја и кои се спроведени без соодветни проценки на влијанието врз животната средина.

Се наведуваат и други проекти што ја загрозуваат животната средина, а Гринпис, исто така, повикува на гаранции за јавен пристап до брегот и плажите, особено по неколку контроверзии околу плажите во Компорта кои се оградени од приватни сопственици.