Украина нападна нафтени постројки длабоко на руска територија


Украина нападна уште неколку нафтени постројки длабоко во Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинските сили ја нападнаа рафинеријата во Башкортостан, на повеќе од 1.300 километри зад линијата на фронтот, како и рафинерија во регионот Јарослав, речиси 700 километри од украинската граница, рече Зеленски на социјалните медиуми.

Зеленски, исто така, објави дека украинските сили во Црното Море нападнале два руски воени патролни чамци, како и бродови што припаѓаат на руската „флота во сенка“, која Москва ја користи за да ги заобиколи западните ограничувања за извоз на нафта.

Украинскиот претседател меѓутоа не даде детали за бродовите или за обемот на штетата.

Со ваквите напади официјален Киев ја продолжува својата кампања за ослабување на воената економија на Русија и нанесување политичка штета на Кремљ.

Честите напади предизвикаа недостиг на гориво и ја вознемирија руската јавност, а воедно ги охрабрија Украинците кои трпат постојани руски напади.