Свиркачот кој ги откри мрачните тајни на Фејсбук сведочеше пред Сенатот


Фејсбук, освен најдолгиот пад во историјата на таа мрежа, има многу поголеми проблеми. Црна дамка на компанијата фрли поранешна вработена, дојавувач кој ги откри мрачните тајни на Фејсбук. Таа ги обвинува за измама на јавноста, загрозување на безбедноста на децата, поттикнување насилство и многу повеќе.
Личноста која го потресе Фејсбук и пред неговиот пад вчера, Френцис Хауген во моментов е најпознатиот „свиркач“ во светот. Поранешната вработена во Фејсбук поднесе сериозни обвинувања против некогашниот работодавец. Таа зборуваше во американската ТВ емисија 60 минути во неделата, а во вторникот и пред американскиот Сенат, пренесува порталот Зимо.

„Тука сум денес затоа што верувам дека производите на Фејсбук им штетат на децата, прават разлики и ја ослабуваат нашата демократија. Раководството на компанијата знае како да ги направи Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но тие не сакаат да ги направат потребните промени, бидејќи го ставаат својот астрономски профит пред луѓето“, рече таа во сведочењето.

Хауген наведува дека е спроведено внатрешно истражување во Фејсбук кое никогаш не било објавено. Тоа покажало дека Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук, негативно влијае на менталното здравје на тинејџерите. Дури 32 проценти од анкетираните тинејџери велат дека се чувствуваат полошо поради Инстаграм.

Фејсбук знае дека неговите применливи алгоритми можат кратко да водат од безопасни теми како здрави рецепти, до содржини што промовираат анорексија, објасни Хауген.

Од Фејсбук, тврдат дека Хауген одговарала на прашања за кои немала директно знаење. Таа ја напушти компанијата претходно оваа година. Таа беше лидер на тимот за граѓански интегритет. Пред да замине, таа копирала серија внатрешни документи кои покажуваат дека компанијата лаже за значителен напредок во борбата против омразата, насилството и дезинформациите. Од компанијата тоа го демантираат.

„Тврдењето дека замижуваме пред повратните информации ги игнорира нашите значајни инвестиции, вклучувајќи ги напорите на 40.000 луѓе кои работат на безбедноста на Фејсбук, како и нашата инвестиција од 13 милијарди долари од 2016 година“, рече Лена Пич, директорка за комуникации на компанијата.

Хауген, исто така, упати остри обвинувања за немирите во Капитол во САД на 6 јануари, тврдејќи дека Фејсбук помогнал да се поттикне насилство.

„Опасниот говор на омраза на Интернет доведе до насилство. Тоа им штети, па дури и убива луѓе. Поентата е дека Фејсбук избира да расте по секоја цена, станува компанија од билиони долари, купувајќи го нејзиниот профит преку нашата безбедност“, заклучи таа пред Сенатот и предупреди дека е неопходно Фејсбук да се натера да се промени.