Светски ден на турското кафе: Симбол на традиција и гостопримство
Денес, 5 декември, светот го слави Светскиот ден на турското кафе, пијалак што е длабоко вкоренет во културното наследство на Турција и пошироко. Овој ден не само што ја одбележува долгата историја на турското кафе, туку и ја истакнува неговата улога како симбол на гостопримство, пријателство и заедништво.
Во 2013 година, културата на правење и консумирање турско кафе беше вклучена во Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, признавајќи го неговото значење не само за Турција, туку и за светот. Процесот на подготовка е уникатен – висококвалитетни зрна кафе, најчесто од Бразил и Централна Америка, се печат полека и се мелат многу фино, создавајќи богат и ароматичен пијалак.
Турското кафе се служи во мали шолји со чаша вода, при што самото сервирање претставува гест на гостопримство. Пиењето кафе е честа практика на празници, веридби и разни свечености, а читањето на талогот е дел од традицијата што додава магична димензија на овој пијалак.
Историските корени на турското кафе датираат од 1543 година, кога Оздемир Паша, валија на Јемен, го донел во Истанбул. Благодарение на трговците и дипломатите, овој пијалак брзо се проширил низ Европа, станувајќи еден од најпопуларните видови кафе во светот, заедно со еспресото.
Според Универзитетот Ајдан во Истанбул, потрошувачката на турско кафе во Турција значително пораснала. Во 2011 година, просечната годишна потрошувачка по лице изнесувала 350 грама, додека во 2021 година достигнала 1,1 килограм. Овој раст ја покажува трајната љубов кон традиционалниот пијалак и неговото место во модерното општество.
Светскиот ден на турското кафе е потсетник на важноста на традицијата и културното наследство што се пренесува од генерација на генерација, носејќи со себе дух на заедништво и топлина.
Рецепт за турско кафе:
Сите го правиме турското кафе на различен начин. Некои чекаат водата да зоврие, па потоа го ставаат кафето, а некои пак го ставаат кафето пред да зоврие водата.
1. Купете квалитетно, одлично смелено и добро испечено турско кафе Арабика (ако имате направа за мелење кафе, подобро би било сами да ги смелете зрната кафе).
2. Земете бакарно ѓезве или на турски cezve и наполнете го со вода, која претходно сте ја измериле во шолјата во која ќе го пиете кафето.
3. Во водата ставете две лажички кафе и шеќер, ако го пиете благо кафето. Мешајте додека сѐ се соедини.
4. Ѓезвето ставете го на рингла со средна топлина. Ова е моментот кога целото внимание треба да го насочите кон ѓезвето со кафе. Во ниеден момент не мешајте со лажичка.
5. Кога кафето ќе почне да врие, ќе забележите како пената избива на површина. Тогаш, тргнете го ѓезвето од ринглата и почекајте да спласне пената. Потоа, повторно ставете го ѓезвето на ринглата и почекајте пак да избие пената.
6. Во шолјата за кафе, ставете малку од кафето и пак ставете го на ринглата додека повторно не избие пената и така повторувајте три пати додека не го истурите целото кафе во шолјата.
Турското кафе се служи жешко, во мала шолја за кафе и чаша ладна вода. Прво се пие една голтка вода па потоа се пие голтка од кафето. Водата всушност помага да се неутрализира вкусот во вашата уста за секој пат кога ќе пробате голтка од кафето да го почувствувате неговиот вистински вкус.