Светска банка одобри кредит од 100 милиони долари за Србија за борба против короната


Светска банка денес одобри заем од 100 милиони за Србија за воспоставување станици за брзо тестирање на патниците и зголемување на капацитетот за тестови на Ковид-19 од 7.000 на 9.000 на ден, се наведува во соопштението.

Заемот ќе финансира до 12 станици за брзо тестирање на патници кои влегуваат во Србија, по една на аеродромите во Белград и Ниш, како и уште десет контролни пунктови на други гранични премини.

Покрај тоа, заемот ќе финансира две регионални лаборатории во Клиничкиот центар на Војводина и Клиничкиот центар во Крагуевац, кои ќе можат да обработуваат 1.000 примероци на ден, или приближно 130 тестови на ден на 100.000 жители.

Со парите, Србија ќе набави дополнителна заштитна опрема, ќе осигури дека лабораториите што тестираат за Ковид-19 се поврзани со единствен електронски систем, како и дека ќе се зајакнат единиците за интензивна нега и единиците за изолација.