Светска банка ќе поддржи проекти вредни 420 милиони евра


Предвидениот раст на БДП за земјава годинава е минус 0,4 отсто, а за наредната 3,7 и во 2022 година 3,6 отсто

Светска банка ќе ја поддржи реформската агенда во Македонија што ќе се реализира до јуни 2023. Приоритетите во Рамката за партнерство меѓу СБ и Македонија се поставени во систематската дијагностика за земјата и се однесуваат на поддршка за постигнување побрз, инклузивен и одржлив раст што ќе им овозможи на граѓаните поголеми можности за вработување, општествена кохезија и вклученост и план за справување со тесните грла.

Бордот на извршни директори на Светска банка, одобрувајќи ја  четиригодишната Рамка за партнерство со Македонија, ќе овозможи реализација на проекти вредни околу 420 милиони, кои опфаќаат изградба на инфраструктура, вложување во човечки капитал и фискална одржливост и одржливост на животна средина.

Проектите се поделени на три области. Првата област ќе го подобри деловното окружување за поконкурентен приватен сектор. Тоа ќе се реализира преку инвестиции во инфраструктурата со кои ќе се подобри поврзаноста. Исто така, предвидени се проекти за подигнување на конкурентноста и иновативноста на фирмите.

Проектите од втората област ќе го поддржат развојот на човечкиот капитал, преку инвестиции во образованието, обезбедување подобар пристап до социјални услуги за најранливите граѓани и поттикнување на поинклузивно учество на пазарите на труд. Третата област се однесува на проекти за зајакнување на управувањето со јавните финансии и поголема одржливост на енергетските извори.

Како дел од Рамката за партнерство со земјата е и проектот со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), а се однесува на поврзување на домашните компании со странските инвеститори.

„Овој проект ќе донесе многукратни придобивки за домашните компании. Преку поврзување со странските компании, домашните фирми добиваат работа, можност за пласман на нови пазари, како и пренесување ноу-хау“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Со Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од Рамката за партнерство со Светска банка, трошоците за трговија за фирмите во регионот се очекува да се намалат за околу 10 отсто. Вкупната вредност на проектот е 140 милиони долари, од кои за првата фаза се предвидени 90 милиони долари. Од нив 30 милиони долари се за Македонија, додека за Србија 40 милиони и за Албанија 20 милиони долари.

„Со подобрување на инфраструктурата, воведување на едно застанување на граница, унапредување на соработката помеѓу институциите од земјите во регионот, значително ќе се подобри бизнис-климата во регионот. Со добра инфраструктура и воведување нoви технологии, ќе се интензивираат трговската соработка и економскиот раст во регионот“, вели Тевдовски.

Проектот има четири компоненти. Првата компонента се однесува на олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан преку едношалтерско решение и модернизација на царината. Втората на подобрување на транспортната ефикасност преку развој на интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридорот 10. Третата компонента се однесува на подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и четвртата за имплементација на проектот.