Сведоштво на снимателот на АП од Мариупол: „Русите нѐ ловеа, бевме на списокот за отстрел“

Без никакви информации од градот, без слики од урнати згради и деца на умирање, руските сили можеа да прават што сакаат. Да не бевме ние таму , немаше да има никакви докази.


 

МАРИУПОЛ – Русите нѐ ловеa. Имаа список со имиња на кој беа вклучени нашите и ни беа зад петици.

Ние ја документиравме опсадата на украинскиот град од страна на руските војници повеќе од две недели и бевме единствените меѓународни новинари кои останаа во градот. Известувавме внатре од  болницата кога вооружени лица почнаа да ги проверуваат ходниците. Хирурзите ни дадоа бели мантили за да ги носиме како камуфлажа. Одеднаш, во зори, дузина војници упаднаа: „Каде се новинарите?“Ги  погледнав нивните ленти, сини за Украина, и се обидов да ги пресметам шансите дека се маскирани Руси. Зачекорив да се идентификувам. „Тука сме да ве извлечеме“, рекоа тие.

Ѕидовите на одделот за хирургија се тресеа од артилериски и митралески оган надвор и изгледаше побезбедно да се остане внатре. Но, украинските војници имаа наредба да не поведат со себе. Истрчавме на улица, оставајќи ги лекарите кои не засолнија, трудниците кои беа гранатирани и луѓето кои спиеја по ходниците бидејќи немаа каде да одат. Се чувствував ужасно оставајќи ги сите зад себе.

Девет минути, можеби 10, цела вечност низ улиците и бомбардирани станбени згради. Додека гранати паѓаа во близина, паднавме на земја. Времето го меревме од едно гранатирање до друго, нашите тела беа напнати и здивот ни беше застанат. Стигнавме до влез, а оклопните автомобили нè однесоа до затемнетиот подрум. Дури тогаш дознавме од полицаец дека  Украинците ги ризикувале животите на војниците за да не извлечат од болницата.

„Ако те фатат, ќе те стават пред камера и ќе те натераат да кажеш дека се што си снимил е лага“, рече тој. „Сите ваши напори и се што сте направиле во Мариупол ќе бидат залудни“.

Офицерот, кој  прво нè молеше да му го покажеме на светот неговиот град на умирање, сега нè молеше да одиме. Тој нè упати кон илјадниците претрпани автомобили кои се подготвуваа да го напуштат Мариупол. Беше 15 март. Немавме поим дали ќе излеземе живи.

Како тинејџер, растејќи во Украина во градот Харков, на само 20 милји од руската граница, научив како да ракувам со пиштол како дел од училишната програма. Се чинеше бесмислено. Украина, резонирав, беше опкружена со пријатели.Оттогаш покривав војни во Ирак, Авганистан и спорната територија Нагорно Карабах, обидувајќи се да му го покажам на светот уништувањето од прва рака. Но, кога Американците, а потоа и Европејците ги евакуираа своите вработени во амбасадата од градот Киев оваа зима, и кога ги разгледав мапите со натрупаните  руски војници веднаш до мојот роден град, единствената мисла ми беше „Мојата кутра земја“.

Во првите неколку дена од војната, Русите го бомбардираа огромниот Плоштад Слобода во Харков, каде што се дружев до моите 20-ти. Знаев дека за руските сили источниот пристанишен град Мариупол е како стратешка награда поради неговата локација на Азовското Море. Така, вечерта на 23 февруари, се упатив таму со мојот долгогодишен колега Евгениј Малолетка, украински фотограф за „Асошиетед прес“, во неговото бело комбе Фолксваген.

По пат, почнавме да се грижиме за резервните гуми и најдовме на интернет човек во близина кој сака да ни продаде среде ноќ. Нему и на една касиерка во целоноќната бакалница им објаснивме дека се подготвуваме за војна. Не гледаа како да сме луди. Влеговме во Мариупол во 3:30 часот наутро. Војната започна еден час подоцна.

Околу една четвртина од 430.000 жители на Мариупол заминаа во тие први денови, додека сè уште можеа. Но, малкумина веруваа дека доаѓа војна, и кога повеќето ја сфатија својата грешка, веќе беше доцна.Една по една бомба, Русите ги прекинаа снабдувањето со струја, вода, храна и на крајот, најважно, мобилните телефони, радио и телевизиските кули. Неколкуте други новинари во градот излегоа пред да исчезнат последните врски и да дојде до целосна блокада.

Со отсуството на информации во блокада постигнуваат две цели. Хаосот е првиот. Луѓето не знаат што се случува и ги фаќа паника. Отпрвин не можев да разберам зошто Мариупол се распадна толку брзо. Сега знам дека тоа беше поради недостатокот на комуникација.

Неказнувањето е втората цел. Без никакви информации од градот, без слики од урнати згради и деца на умирање, руските сили можеа да прават што сакаат. Да не бевме ние таму , немаше да има никакви докази. Затоа презедовме такви ризици за да можеме да му го покажеме на светот тоа што го видовме, а тоа е она што ја налути Русија доволно за да не лови.

Смртта дојде прва. На 27 февруари гледавме како лекар се обидува да спаси мало девојче погодено од шрапнел. Таа почина. Почина второто дете, а потоа третото. Амбулантите престанаа да ги земаат повредените бидејќи луѓето не можеа да ги повикаат без сигнал и не можеа да се движат по бомбардираните улици.

Лекарите нѐ замолија да снимаме семејства како ги носат сопствените мртви и ранети и ни дозволија да ја искористиме нивната намалена моќност на генераторите за нашите камери. Никој не знае што се случува во нашиот град, рекоа тие.

Гранатите ја погодија болницата и куќите наоколу. Понекогаш истрчувавме да снимаме запалена куќа, а потоа бегавме назад среде експлозиите. Имаше само едно место во градот за да се добие стабилна врска, надвор од ограбената самопослуга на авенијата Будивелникив. Еднаш дневно се возевме таму и се туткавме под скалите за да прикачуваме фотографии и видеа за да ги види светот. Скалите немаше многу да не за да не заштитат, но се чувствувавме побезбедно отколку да  бидеме на отворено.

Сигналот исчезна до 3 март. Се обидовме да го испратиме нашето видео од прозорците на болницата на 7-ми кат. Оттаму видовме како се распаѓаат последните парчиња од градот Мариупол. Се ограбуваше продавницата  Порт Сити и  ние тргнавме во тој правец среде артилериски оган и митралески пукотници. Десетици луѓе трчаа и туркаа колички за пазарење натоварени со електроника, храна, облека. На покривот од продавницата експлодираше граната и ме фрли на земја надвор. Се напнав, чекајќи втор удар и се пцуев сто пати затоа што камерата не ми беше вклучена за да снимам.

И ете, друга граната ја погоди станбената зграда до мене со страшен тресок. Застанав зад еден агол за да се заштитам. Тинејџер  со количка натоварена со електроника ми рече: „Моите пријатели беа таму и граната падна на 10 метри од нас.Немам поим што се случи со нив“.Трчавме назад во болница. За 20 минути влегле повредените, дел од нив напикани во количките .

Неколку дена единствената врска што ја имавме со надворешниот свет беше преку сателитски телефон. И единственото место каде што тој телефон функционираше беше на отворено, веднаш до кратер од бомба. Ќе седнав, ќе се навалев и ќе се обидев да ја фатам врската. Сите прашуваа, кажете ни кога ќе заврши војната. Немав одговор.

Секој ден се шушкаше дека украинската војска ќе дојде да ја пробие опсадата. Но, никој не дојде. Во тоа време бев сведок на смртни случаи во болница, трупови на улиците, десетици тела турнати во масовна гробница. Видов толку многу смрт што снимав речиси без да го земам тоа при срце.

На 9 март, двојните воздушни напади ја искршија пластичната лента врз прозорците на нашето комбе. Ја видов огнената топка  пред болката да ми го прободе внатрешното уво, кожата, лицето. Гледавме како се крева чад од породилиште. Кога стигнавме, работниците од итната помош сè уште извлекуваа крвави трудници од урнатините.

Нашите батерии беа речиси празни и немавме врска да ги испратиме сликите. Полицискиот час беше на неколку минути. Еден полицаец нè слушна како разговараме за тоа како да известиме вестите за бомбашкиот напад на болницата.

„Ова ќе го промени текот на војната“, рече тој. Не одведе до извор на струја и интернет конекција. Имавме снимено толку многу мртви луѓе и мртви деца, бескрајна линија. Не разбирав зошто мислеше дека уште повеќе смртни случаи можат да променат нешто. Но, не бев во право.

Спасувачки екипи ја изнесуваат ранетата бремена жена од урнатините во породилиштето во Мариупол (Фото: АП)

Во темнината ги испративме сликите поделени на три мобилни телефони со видео датотеката поделена на три дела за да се забрза процесот. Беа потребни часови, многу повеќе од полицискиот час. Гранатирањето продолжи, но офицерите назначени да не спроведат низ градот трпеливо чекаа.Тогаш нашата врска со светот надвор од Мариупол повторно беше прекината.

Се вративме во празниот подрум на хотелот со аквариум сега исполнет со мртви златни рипки. Во наша изолација, не знаевме ништо за растечката руска кампања за дезинформации за дискредитација на нашата работа. Руската амбасада во Лондон објави два твита во кои ги нарече фотографиите на АП лажни, тврдејќи дека бремена жена е актерка. Рускиот амбасадор држеше копии од фотографиите на состанокот на Советот за безбедност на ОН и повтори лаги за нападот на родилиштето.

Во меѓувреме, во Мариупол бевме преплавени со луѓе кои нè прашуваа за најновите вести од војната. Толку многу луѓе дојдоа кај мене и ми рекоа, те молам снимај ме за моето семејство надвор од градот да знае дека сум жив. Во тоа време, ниту еден украински радио или ТВ сигнал не работеше во Мариупол. Единственото радио што можеше да го фатиш емитуваше извртени руски лаги – дека Украинците го држат Мариупол како заложник, пукаат во згради, развиваат хемиско оружје. Пропагандата беше толку силна што некои луѓе со кои разговаравме поверуваа, и покрај доказите на нивните очи.Пораката постојано се повторуваше, во советски стил: Мариупол е опколен. Предадете го оружјето.

На 11 март, во краток повик без детали, нашиот уредник праша дали можеме да ги најдеме жените кои го преживеаја воздушниот напад во породилиштето за да го докажеме нивното постоење. Сфатив дека снимката мора да била доволно моќна за да предизвика одговор од руската влада. Ги најдовме во болница на првата линија, некои со бебиња, а други на породување. Дознавме и дека една жена го загубила бебето, а потоа и животот.

Се качивме на 7-ми кат за да го испратиме видеото. Оттаму видов  како тенк по тенк се упатуваат кон болничкиот комплекс, секој означен со буквата Z што стана руски амблем за војната. Бевме опколени: десетици лекари, стотици пациенти и ние.

Украинските војници кои ја штителе болницата исчезнале. А патот до нашето комбе кое беше обиколено, заедно со нашата храна, вода и опрема, беше покриен од руски снајперист кој веќе стрелал во лекар кој излегувал надвор. Поминаа часови во темнина, додека ги слушавме експлозиите надвор. Тогаш војниците дојдоа да не земат, викајќи на украински. Тоа не изгледаше како спас. Се чувствуваше како само да сме преместени од една опасност во друга. Во тоа време, никаде во Мариупол не беше безбедно и немаше олеснување. Можеш да умреш во секој момент.

Се чувствував неверојатно благодарен на војниците, но и вкочанет. И се срамев што заминувам. Се напикавме во Хјундаи со тричлено семејство и влеговме во сообраќаен метеж долг 5 километри надвор од градот. Околу 30.000 луѓе излегоа од Мариупол тој ден – толку многу што руските војници немаа време внимателно да погледнат во автомобилите со прозорци покриени со делови од пластика. Луѓето беа нервозни. Се караа, врескаа еден на друг. Секоја минута имаше авион или воздушен напад. Земјата се тресеше.

Поминавме 15 руски контролни пунктови. На секој од нив, мајката што седеше пред нашиот автомобил се молеше, доволно гласно за да чуеме. Како што се возевме низ нив – третиот, десеттиот, 15-тиот, сите екипирани со војници со тешко оружје – моите надежи дека Мариупол ќе преживее исчезнуваа. Сфатив дека само за да стигне до градот, украинската војска ќе треба да помине низ толку многу земја. И тоа немаше да се случи.

На зајдисонце дојдовме до мостот уништен од Украинците за да се запре рускиот напредок. Конвој на Црвениот крст од околу 20 автомобили веќе беше заглавен таму. Сите заедно се симнавме од патот и продолживме да возиме низ полиња и задни ленти. Војниците на контролниот пункт 15 зборуваа руски со акцент од Кавказ. Тие му наредија на целиот конвој да ги угасиме  фаровите и  да го оставиме оружјето покрај патот. Едвај го забележав белото Z насликано на возилата. Кога стигнавме до шеснаесеттиот контролен пункт, слушнавме гласови. Украински гласови. Почувствував огромно олеснување. Мајката во предниот дел на автомобилот се расплакала. Бевме надвор. Бевме последните новинари во Мариупол. Сега веќе нема никој.

Сè уште сме преплавени од пораки на луѓе кои сакаат да ја дознаат судбината на саканите што ги фотографиравме и снимивме. Ни пишуваат очајно и интимно, како да не сме странци, како да можеме да им помогнеме.

Кога рускиот воздушен напад го погоди театарот во кој стотици луѓе се засолнија кон крајот на минатата недела, можев точно да одредам каде треба да одиме за да дознаеме за преживеаните, за да слушнам од прва рака како е да се биде заробен со бескрајни часови под купишта урнатини. Ја знам таа зграда и уништените домови околу неа. Познавам луѓе кои се заробени под неа. Во неделата, украинските власти соопштија дека Русија бомбардирала и уметничко училиште со околу 400 луѓе во Мариупол. Но, веќе не можеме да стигнеме таму.

(Текстот е на Мстислав Чернов, видео снимател на Асошиетед прес. Ова е неговата приказна за опсадата на Мариупол,  што ја документираше со фоторепортерот Евгениј Малолетка)