Сведочењето на Нинџа – приказна за еден пропаднат пуч


Александар Василевски - Нинџа во судницата (Фото: СДК)

Александар Василевски – Нинџа денеска во Кривичниот суд ја раскажа целата технологија на настаните од 27 април и подоцнежното прикривање на трагите. Според ова сведочење ВМРО-ДПМНЕ и УБК се главни организатори на упадот во Собранието

 

Денешниот ден во Кривичниот суд во голема мерка наликуваше на заплетите од шпионските романи на Џон ле Каре. Она што како сведок на обвинителството го изнесе Александар Василевски – Нинџа на судењето за организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година (доколку целото е вистинито) ја разоткри големата мрежа на заговорниците, главно концентрирани во тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и во структурите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), што на крајот, претпоставено, требаше да заврши со вонедување вонредна или воена состојба од страна на претседателот на државата. На овој процес за организаторите на 27 април обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Оние што се избегани од државата – како Никола Груевски и Никола Бошкоски – не се опфатени во процесот затоа што не се тука.

Александар Василевски – Нинџа веќе е осуден на осум години затвор во процесот за упадот во Собранието (пресудата уште не е правосилна, сега трае жалбената постапка во Апелацискиот суд) и во судницата во Скопје беше донесен од затворот во Штип. За хроничарите на судските процеси изгледаше неочекувано дека во судницата видоа речиси друг човек – Нинџа е забележително ослабен, ја нема веќе онаа негова грамадна фигура. Но неговото сведочење наликуваше на граната фрлена во судницата по кое многу работи сега веројатно се појасни.

Неговото сведочење може да се подели на неколку делови – на она што се случувало на 27 април и на она што се случувало во деновите по грозоморниот упад, а и на некои пикантерии за главните учесници.

Еве го неговото сведочење:

Што се случувало на 27 април? „Во 17,30 часот ми се јави Спиро Ристовски и ме повика во штабот. Околу 17,45 часот ми се јави и Сашо Мијалков, кој ме повика и рече ‘Дојди во база’. Околу 18,30 часот со Веле Петрушевски се упатив во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влеговме преку гаражата ‘Тодор Александров’. Веле остана во бифето, а јас се качив на 8. кат. Кога влегов во салата за состаноци, таму беа Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска. Сите зборуваа на телефон, беше вклучен телевизор на програмата на ТВ Нова, се гледаше преносот од пред Собранието. Чавков ме погледна во стилот ‘Што бараш тука’. Јас реков дека го чекам директорот, мислев Мијалков ќе го најдам таму, но не го видов. Седев до Чавков, носеше тренерки, патики и елече, отспротива беше Кирил Божиновски, двајцата министри беа во фармерки. Како што се движеше толпата пред Собрание така почнаа да координираат. Тоа беше оперативен штаб каде што се издаваа наредби.

Тука се издаваа сите наредби. Чавков му даде наредба на Митко Пешов полицијата да делува пасивно. Спиро контактираше со Бетмен. Бришковска беше разочарана што Антонио Милошоски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски не предизвикале инцидент во Собранието, не ја завршиле работата. Бришковска му даде насока на Трајко Вељаноски да се отворат вратите во Собранието. Знам дека разговараше и со Илија Димовски и Никола Тодоров. А Трајко Вељаноски ја известуваше за тоа што се случува внатре. Во штабот дојде и Владимир Атанасовски. Тој ми кажа дека дека им рекол на Јане Ченто и на другите кои биле во ресторанот ‘Дион’ да одат кон Собранието, а мене ми даде насока да одам пред Собранието и да известувам. Атанасовски се симна со мене до гаражата.

Отидов пешки кон ‘Жена-парк’, а кај Триумфалната порта видов лица од службата под прикриена операција. Горан Грујоски имаше прикриен тим од 25 до 30 лица, ми се закануваа да не се предадам дека ќе завршам како Коста Крпач. Дојде Никола Бошкоски со сребрен ‘голф’. Излезе Никола Митревски-Кољо, кажа: ‘Хаос е внатре, луѓе тепаат пратеници. Шефот на кабинет на Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, е на осми спрат. Во секој момент Иванов треба да прогласи воена состојба’. Тоа лично го чув кога Атанасовски му го јави на Бошковски.

Во ‘Жена-парк’ го видов Горан Грујевски. Седнав до него. Во еден момент видовме дека одеднаш почна да делува полицијата. ‘Ова не е на арно, друг ја презеде контролата. Под притисок на меѓународниот фактор, воена состојба нема да има’, ми кажа Грујевски. Ми рече пак да одам во штабот на ВМРО-ДПМНЕ да видам што се случува. Таму имаше членови и луѓе дојдени од цела Македонија, кои беа во Собранието. Пред нив повторно стоеја Кирил Божиновски и Спиро Ристовски, овојпат ги инструираа да кренат шатори пред Собранието.

Околу 23 часот ме зеде Мартин Лазаров, син на сега осудениот Душко Лазаров. Дојде со ‘хонда сивик’ на УБК со темни стакла. Ме однесе кај Државна болница во прикриената база на УБК. Се отвори вратата, сега осудениот Сашо Марковски од УБК и Никола Бошкоски беа веќе таму. Марковски извади сина кеса во која имаше два хард диска од Собранието. Бошкоски ми кажа дека Марковски со хируршки ракавици ги одзел дисковите и ми рече: ‘Гледаш ли како работи УБК, ова ти е дипломска, треба да учиш од нас’. Владимир Атанасовски даде наредба да се уништат. Сашо Марковски со преса ги уништи хард дисковите, а потоа беа исечени со ножици. Бошкоски потоа ги фрли во вардар од мостот кај Керамидница. По наредба на Атанасовски остварив контакт со Јане Ченто. Потоа остварив средба со Игор Југ, во Куманово, таму беше и Јане Ченто. Со мене беше и еден прикриен агент“.

Што се случувало по 27 април? „Деновите по 27 април Никола Бошкоски ми рече да дојдам  на 8. кат во штабот ма ВМРО-ДПМНЕ. Беше 3 или 4 мај. Тука беа Билјана Бришковска, Миле Јанакиевски, Владимир Атанасовски и тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски. Разговараа за обвинението за одредени лица. Владимир Атанасовски ми велеше да им пренесам на Никола Митревски – Кољо и Јане Ченто, за кои тогаш имаше потерница, да се предадат бидејќи ќе се средело да лежат малку. Јане Ченто требаше да се предаде бидејќи го бараа за насилство, за клоца удрена на Зоран Заев. Ми кажаа дека обвинителот Јован Цветановски лично за него се има јавено. Дојде Јане во Скопје и отидоа со адвокат во полициска станица, каде што по разговорот, по насока на Јован Цветановски, беше пуштен, а не притворен. Марко Зврлевски, Гордана Гешковска, Јован Цветановски беа палка на тогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Атанасовски ми кажа дека тие се подобни, нивни луѓе, а Цветановски му е многу близок.

Од 28 април натаму започна масовно бришење на снимки по градот, особено на раскрсници и места каде што се движеле директорот, оперативците и началниците од УБК, кои ја имаа главната контрола и команда за нападот на Собранието. Се составуваа службени белешки да се оправда присуството на некои од нив во Собранието, па така, во службена белешка беше измислено дека УБК наводно била таму за српскиот разузнавач Живаљевиќ“.

Други детали „Ноќта по изборниот ден на 11 декември 2016 функционерите и раководството од ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваа победата во ‘Скај бар’ во хотелот ‘Русија’. Таму беа Ристовски, Јанакиески, Ивица Конески, Никола Бошковски, Владимир Атанасовски, Никола Тодоров… Но по два дена беа поднесени приговори, па се организираа протести пред ДИК, насоките доаѓаа од ВМРО-ДПМНЕ. Имаше насоки да се влезе во зградата на ДИК и да се дејствува во насока на заплашување на членовите на ДИК да не одлучат спротивно на замислата на ВМРО-ДПМНЕ. ’27 април’ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ. ДИК одлучи во корист на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак партијата не формираше влада и се организираа протестите на ‘За заедничка Македонија’. За повикување на масовност на протестите се одеше преку генералниот секретар Кирил Божиновски и преку организацискиот секретар Спиро Ристевски. Вработени во градинки, ‘Водовод и канализација’ и други институции, кои беа членови партијата, требаше да излезат и да ги поддржат.

Во тој период, по наредба на Владимир Атанасовски беа следени и функционери од СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев и Оливер Спасовски, и покрај тоа што беше технички министер за внатрешни работи, како и аналитичарот Алберт Муслиу кому од специјален тим на УБК во неговиот дом му беа ставени камери.

Груевски не направи влада. Штабот на ВМРО-ДПМНЕ измисли протести ‘За заедничка Македонија’ со фиктивни водачи да глумат пред народот дека се водачи. На повик на Кирил Божиновски и Владимир Атанасовски, отидов во штабот на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Никола Бошкоски. Се расправаа за пари, земени од некоја провизија. Требало кај Божиновски да се дадат, за раководството на партијата, а ги зел Александар, портпарол или шеф на кабинетот, кој беше во просторијата. Александар молеше да му дадат време да ги соберат. Се работеше за 200 илјади евра. Парите беа за протестите и за водачите: Борис Дамовски, Бетмен и Игор Дурловски. Тие секој ден доаѓаа да добиваат инструкции што да му зборат на народот и каде да се движат. Со Дамовски доаѓаше жена Иванка“.

Одбрана Еден од адвокатите на обвинетите, Еленко Миланов, ден пред денешното рочиште за „Република“ изјави: „Ќе видиме како ќе се одвива неговото сведочење но очекувам тој да го потврди исказот даден како обвинет дека немало организирано влегување во Собрание, и дека немале план што да прават ако влезат. Најмалку, пак, дека добивал инструкции од партии или поединци“. Откако сведочењето беше на одреден начин шокантно Миланов во судницата се обиде да го дискредитира Нинџа, а уште пред да почне да сведочи бараше да не се случи тоа, бидејќи за адвокатите е спорна веродостојноста. Тој и другите адвокати се повикуваа и на исказите што претходно ги даваше Нинџа, вклучително и тоа кога сведочеше како обвинет. (Н.В.)