Судот ги прогласи царините на Трамп од 10 отсто за нелегални
Федерален суд ги прогласи за нелегални царините од 10% на претседателот Доналд Трамп за сите стоки, што е втор голем удар врз неговите клучни економски политики оваа година. Судскиот совет на Американскиот суд за меѓународна трговија во четвртокот со гласање од 2 спрема 1 пресуди дека администрацијата на Трамп нема законско оправдување за воведување царини, пишува CNN .
Во пресудата се вели дека администрацијата се повикала на член 122 од Законот за трговија од 1974 година, но судиите утврдиле дека аргументот за воведување на царините е недоволен. Администрацијата започнала со спроведување на царините откако Врховниот суд претходно годинава ги прогласи своите најшироки царини за нелегални.
„Претседателската прогласка со која се воведуваат царините не се однесува на „големи и сериозни дефицити во платниот биланс на Соединетите Американски Држави“ на начинот на кој Конгресот го замислил тој термин“, рекоа мнозинството судии во своето образложение. Член 122 инаку му дозволува на претседателот да воведува царини до 15% на целиот увоз без одобрение од Конгресот, доколку се исполнети одредени услови.
Пресудата ѝ наредува на администрацијата да престане да собира царини од тужителите во овој случај и да ги врати веќе платените износи. Иако одлуката се однесува само на компаниите што ја поднесоа тужбата, таа претставува значаен удар за администрацијата на Трамп и нејзината способност да воведува царини.
Тарифите би можеле да останат на сила за сите други увозници до јули. Администрацијата сè уште има на располагање царински давачки поврзани со одредени индустрии и веќе го започна процесот на воведување на голем број нови давачки на национално ниво. Се очекува администрацијата да поднесе жалба на вчерашната пресуда.
Овие правни случаи го одразуваат хаосот и неизвесноста што ги придружуваа економските политики на Трамп, со чести најави за нови царини во текот на изминатата година, додека увозниците се мачеа да ги разберат најновите промени.
Многу работи остануваат неизвесни. Увозниците сега можат да аплицираат за враќање на царински давачки што Врховниот суд ги прогласи за незаконски. Сепак, се очекува процесот да се воведува постепено и не е јасно кога системот ќе биде отворен за сите апликации. Плаќањата би можеле да бидат одложени доколку администрацијата преземе понатамошни чекори што би можеле да влијаат на износот на враќањето.