Објавена мапа на американските напади врз Иран


Институтот за проучување на војната (ISW) објави мапа и анализа на синоќешните американски воздушни напади врз цели во јужен Иран, што дојде како директен одговор на иранскиот напад врз американските разурнувачи во Ормускиот теснец. Централната команда на САД (CENTCOM) потврди дека нејзините сили ја „елиминирале дојдовната закана“ и ги нападнале иранските воени објекти одговорни за нападите.

Според официјалниот извештај, иранските сили испукале повеќе ракети, лансирале дронови и испратиле брзи офанзивни бродови кон американските разурнувачи USS Truxtun, USS Rafael Peralta и USS Mason додека минувале низ теснецот. CENTCOM нагласи дека ниту една од иранските ракети не ги погодила американските бродови, по што следела жестока одмазда.

Американските напади биле насочени кон локации од кои биле лансирани ракети и дронови, командни и контролни центри и разузнавачки и надзорни станици. Висок американски функционер потврди за Фокс њуз дека биле погодени три клучни локации:

Пристаниште Бахман на островот Кешм (потврдена цел)
Непозната воена цел во градот Бандар Абас, во покраината Хормозган
Поморски контролен пункт Бандар Карган, исто така во покраината Хормозган

ЦЕНТКОМ изјави дека САД „не бараат ескалација на конфликтот“, а високи функционери додадоа дека овие напади не значат официјално враќање во воена состојба, туку претставуваат одбранбена реакција на заканата за американските сили.

Од друга страна, иранските медиуми тврдат дека Техеран испукал ракети кон американски бродови јужно од пристаништето Чабахар, наводно како одговор на американското насочување кон два ирански брода. Портпаролот на Централната команда на Хатам ол Анбија, Ебрахим Золфагари, издаде предупредување до цивилите во Обединетите Арапски Емирати.

Золфагари ги повика жителите на ОАЕ да „се држат подалеку од нафтените и воените центри“, сугерирајќи дека иранските напади врз земјата би можеле да продолжат. Иран веќе изврши серија напади врз Емиратите на 4 и 5 мај, вклучувајќи го и нападот врз индустриската зона на пристаништето Фуџаира, клучна точка што ја користат ОАЕ за да го избегнат сообраќајот низ блокираниот Ормуски теснец.