Судирот со Синдикатот и Интеруниверзитетска конференција ќе го решава Адеми
Секторот за високо образование при Министерството за образование и наука ги разгледува забелешките на Независниот академски синдикат кој обвини за неправилности во работењето на ова тело и го повикаа министерот Арбер Адеми веднаш да ја поништи одлуката за избор на членови на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација. Побараа да се конституира нова Интеруниверзитетска конференција согласно Законот за високо образование и да ги суспендира сите донесени одлуки и акти. Министерот Адеми вели дека анализата на забелешките ќе покаже дали постапките се спроведени согласно Законот.
„До Министерството за образование и наука стигнаа забелешките на Независниот академски синдикат. Информиран сум за сите процеси кои се одвивале во Интеруниверзитетската конференција. Секторот за високо образование е задолжен да разгледа кои постапки се спроведени и дали се во согласност со Законот за високо образование. И со новиот Закон е предвидено Интеруниверзитетска конференција да предлага членови. Нивна е одлуката кои ќе бидат членови и Владата има право да предлага свои членови, но ние чекавме да заврши процесот на предлагање кандидати од Интеруниверзитетска конференција за да и ние како Влада да направиме предлог“, изјави Адеми.
Од Интеруниверзитетската подвлекуваат дека неоснован е повикот на Независниот академски синдикат за поништување на одлуките за избор на членови на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, конституирање на ново тело и суспендирање на сите донесени акти. Оттаму појаснуваат дека универзитетите се во постапка за добивање согласности на нивните статути и заради тоа сè уште не се спроведени постапки за избор на студентските собранија, а со тоа и на нивните претседатели. На последната седница на 18 март е верифициран мандатот само на претседателот на Студентското собрание на Универзитетот „Американ колеџ“. Од тие причини вкупниот број на членови е 37 од кои на седницата биле присутни 21, а во моментот на тајното гласање биле присутни 19 и сите гласале за изборот на членови, со што бил исполнет цензусот за одлучување.
„На седницата на која беше извршен изборот на членови за Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, вкупниот број членови на Интеруниверзитетската конференција изнесуваше 37 од кои 17 се ректори и 20 професори. На седницата беа присутни 21 член, со што беше исполнет условот за одлучување. Во моментот на тајното гласање беа присутни 19 члена, од кои гласаа сите 19, со што цензусот за присуство и одлучување не беше спорен, одлуките се донесуваат со мнозинство од присутните членови. Составот на Интеруниверзитетската конференција е идентичен како по стариот, така и по новиот Закон за високото образование, па затоа во новиот Статут на Интеруниверзитетската конференција е регулирано дека мандатот на членовите им трае за времето за кое се избрани, односно до 21 ноември 2020 година, што не е во спротивност со Законот за високото образование бидејќи истиот не предвидува рок за конституирање нова Интеруниверзитетска конференција, што не е случај за другите органи и тела за кои се предвидени рокови за нивното формирање“, посочија од Интеруниверзитетската конференција.
Оттаму наведуваат и дека била обезбедена транспарентноста на постапката со објавување јавен повик во весниците, а пријавите со биографските податоци биле поставени на веб страницата на УКИМ и дека ќе се пристапи кон изработка на веб-страницата на Конференцијата по обезбедување на кадровски и материјални услови за оваа намена.
Независниот академски синдикат во понеделникот се огласи преку соопштение во кое нагласија дека на седницата немало кворум за одлучување. Изборот бил извршен со не повеќе од 19 присутни члена од вкупно 57 колку што би требало да брои ова тело според нив, со што бил прекршен Законот. За нив е нејасно врз кој законски основ е дојдено до сегашниот состав и како се пресметува кворумот потребен за донесување Статут и носење на одлуки. Се жалат дека бил повреден личниот и професионалниот интегритет на нивните колеги, кои попусто се пријавиле на јавниот повик.
„Претседателот Никола Јанкуловски на присутните членови им сервирал ‘статутарно поткрепена’, дискриминаторска предлог-номинација (наместо вистински избор), која ја изготвиле ректорите на јавните универзитети уште на седницата на 26 февруари, со однапред определени имиња за веќе поделените места по универзитети. Поради револт од самоволието и оневозможеноста да се разгледуваат и оценуваат сите кандидатури и, конечно, поради потребата да се престане со принципот на негативна селекција, а со цел да бидат избрани најдобрите кандидати, членовите од неколку универзитети ја напуштиле седницата“, наведоа од Синдикатот.
Вероника Мароска-Леова