Судири на границата меѓу Авганистан и Пакистан, има и жртви


Пакистан денеска ги затвори граничните премини со Авганистан, откако пограничните сили на двете земји размениле силен оган во текот на ноќта.

Граничните премини Торкам, во северозападната провинција Кајбер Пахтунва, и Чаман, во југозападната провинција Балучистан, се затворени, изјави безбедносен претставник.

Локалните медиуми објавија видеа и се повикаа на безбедносни извори според кои Пакистан зазел најмалку 19 авганистански гранични пунктови и јавија дека има повеќе жртви на авганистанската страна.

Безбедносни извори изјавија дека Пакистан користел тешка артилерија, тенкови, борбени авиони и дронови, но двете страни тврдат дека му нанеле сериозни загуби на противникот.

Нема официјални информации дека борбите, кои почнале во текот на ноќта, завршиле, пренесе ДПА.

Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, ги осуди „неиспровоцираните“ напади на Авганистан насочени кон цивили.

– Пукањето од страна на авганистанските сили врз цивилното население претставува очигледно прекршување на меѓународните закони, се наведува во соопштението на неговото министерство објавено на Х.

Авганистан ќе добие „соодветен одговор“ за да се одвратат идни закани, додаде Накви.

Граничните тензии предизвикаа загриженост кај сојузниците, вклучително и Саудиска Арабија, која има договор за заемна одбрана со Пакистан, како и Катар и други земји што повикаа на воздржаност.

Претходно оваа недела, пакистански дронови и борбени авиони извршија повеќе воздушни напади во Авганистан, вклучително и еден во Кабул, насочени против исламски милитанти за кои се верува дека стојат зад порастот на нападите.

Исламабад ги обвинува талибанските власти во Авганистан дека ги поддржуваат, или барем им даваат засолниште, на милитантите и покрај повеќекратните предупредувања.