Студентите организираат собир на платото пред УКИМ за настраданите во Кочани


Фото: Б. Грданоски
Со оглед на големата трагедија која настана изутринава во дискотеката во Кочани, студентите на УКИМ Ве покануваат да го проследите организираниот заеднички час во форма на искажување почит кон  жртвите кои настрадаа при немилиот настан, се вели во соопштението на Универзитетското студентско собрание.
 
– Утре (17.03.2025) со почеток од 12 ч. на Платото на УКИМ, со времетраење од еден час, ќе се искаже сочувство кон загинатите лица и поддршка за побрзо закрепнување од повредите. На Платото ќе има простор каде студентите ќе можат да запалат свеќи, искажат тага во книга на жалост и остават цвеќе.
Воедно, ве известуваме дека заедничката настава и собирите на студентите ќе продолжат сѐ до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ.
За секој од следните настани од 18 март, ќе добиете благовремени детали – додаваат од таму.
 
Со сличен проглас се огласија и студентите од Студентски отпор:
 
Со неизмерна тага ве повикуваме утре од 12 ч. на платото на УКИМ на заедничко оддавање на почит за жртвите на трагичниот настан во дискотеката “Пулс” во Кочани.
Студентски Отпор изразува најдлабоко сочуство до семејствата на починатите и им посакуваме побрзо опоравување и закрепнување на останатите повредени. Ова е огромна загуба и трагедија која и се случи на Македонија.