Струшките плажи и годинава без спасители на вода


Само една плажа на струшкото крајбрежје има обучени и лиценцирани спасители на отворени води. Интерес кај концесионерите нема, потврди за МИА секретарот на општинската организација на Црвениот крст – Струга, Адуриме Даути.

На обуката за спасители на отворени води што Црвен крст Струга ја реализира секоја година, годинава се пријавиле и ја поминале само две лица, кои се стекнале со соодветен сертификат. Но, според Даути, струшкиот Црвен крст на располагање има осуммина спасители на отворнеи води, обучени претходните години.

– Интерес од концесионерите речиси и да нема. Во моментот само еден концесионер има ангажирано четворица спасители на отворени води. Апелирам концесионерите да ги обезбедат плажите со спасители на вода. Тоа е добро за безбедноста на капачите, но и за туризмот воопшто, изјави Даути за МИА.

Потребата од спасители на вода, нагласи дека е неминовна, а тоа го покажуваат многубројните навремени реакции, кои допринеле да не дојде до несакани случаи.

И минатата година само една плажа на струшкото крајбрежје имаше ангажирано четворица спасители на вода, додека концесионерите на другите капалишта не пројавиле интерес.