Стразбур пресече: Георгиевски и Бошкова ги исполнуваат условите за судија, Апостолски – не


Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека државата соодветно ја спровела процедурата за избор на судија за Стразбур, но и дека еден од тројцата утврдени кандидати не ги исполнувал условите. „360 степени“ дознава дека станува збор за адвокатот Јордан Апостолски.

Од Владата потврдија дека е добиено мислење од експертскиот панел при Советот на Европа, што е обврзувачки дел од постапката за избор на судија.

„Како Влада ќе го разгледаме мислењето со должно внимание и ќе постапуваме институционално, одговорно и во координација со надлежните тела на Советот на Европа. Наш приоритет е Македонија да има кредибилен процес и квалитетен кандидатски предлог кој ќе одговара на стандардите на Европската конвенција“, порачаа од Владата.

Третото место на листата ќе треба да се пополни со нов кандидат. Судијата Јован Илиевски кој требеше да си замине на почетокот на годинава останува во Стразбур додека не се избере негов наследник .