Условна осуда за тројца полицајци за дискотеката „Пулс“


Изречена е првата пресуда околу трагедијата во дискотеката „Пулс“ за тројцата полицајци обвинети дека ја злоупотребиле службената положба. Тројцата локални полицајци Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков добија условни казни, но ниту тие, ниту нивните адвокати не дојдоа да ја чујат пресудата.

Богатинов и Лазаров добија условна казна затвор од по една година која нема да се изврши, ако во следните три години не направат ново кривично дело, а Темелков доби две години условна затворска казна, која ќе биде активна ако во следните четири години направи кривично дело.

 Ова судење почна на 31 март и заврши за четири рочишта. Судијката Петровска рече дека полицајците од октомври 2023 до февруари 2024 година пишувале записници за прекршоци, за пропуштање малолетници, но во нив внесувале неточни податоци.Наместо за активната фирма, ММММ Кафе ДООЕЛ од Кочани и одговорното лице Митко Стојанов, прекршокот го внесувале на фирмата „Класик ДМ ДООЕЛ“ од Кочани.

„Дејствијата на обвинетите не претставуваат само формален пропуст. Напротив. Утврдувањето на носителот на дејноста е суштински елемент подеднакво важен како и констатитраните прекршоци“, кажа судијката. Таа додаде дека обвинетите своите службени должности ги извршувале само привидно.

„Формата била запазена, но суштината изостанала“.

Откако пресудата ќе биде напишана и ќе им биде доставена, обвинетите имаат право да се жалат до Апелацискиот суд, а треба да платат и судски паушал од по седум илјади денари.

Освен овој предмет, обвинети полицајци има и во другите две обвиненија на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Двајца од обвинетите што денеска беа неправосилно осудени се обвинети во по едно од тие две обвиненија за кои се водат одделни постапки.

Богатинов е обвинет и во предметот со 13 полицајци кој штотуку почна да се суди. Според обвинението полицајците на 16 март заедно со колегите спроведувале т.н. план за акциска контрола на угостителски објекти, без да проверат дали се спроведени сите безбедносни проверки и дали се испочитувани сите стандардни оперативни процедури.Полицајците не презеле мерки за заштита на присутните, ниту пак, за да спречат активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во кочанската полиција. На овие обвинети им се закануваат високи затворски казни, како и во големиот предмет, кој е во фаза на судење.

Темелков, пак, кој денеска беше неправосилно осуден е обвинет во третото обвинение кое е за деветмина полицајци, обвинети за пропуштање на службените обврски за издавање согласност за дискотеката да добие лиценца.Во обвинението пишува дека иако објектот немал доволно паркинг-места и имало пријавено нарушувања на јавниот ред и мир, обвинетите дале согласност за Министерството за економија на клубот да му издаде лиценца. Со неизвршување на службената должност, ѝ овозможиле на дискотеката да работи.