Стигнаа сите автобуси за ЈСП на гас


Денеска пристигнаа уште седум зглобни и еден единечен екоавтобус, кои Град Скопје ги набави за потребите на ЈСП „Скопје“.

„Со ова завршува испораката на вкупно 33 автобуси од набавката. Откако ќе ги поминат сите процедури и овие автобуси ќе бидат пуштени во сообраќај, што очекуваме да се слуи за две недели“, велат од ЈСП „Скопје.

Новите екоавтобуси се на гас, а се произведени од германската компанија MAN, а од пред некој ден возат по скопските улици.

Возачите коишто ги возат новите автобуси на линии 2, 5, 15 и 57, имаа стручна обука од сертифициран возач од Хрватска.

Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

Град Скопје со набавката на новите 33 нископодни MAN CNG автобуси за ЈСП, на претпријатието му овозможи да врши превезување на речиси двојно повеќе патници коишто имаат поголем простор и комоција за движење, што придонесува за побрз проток на патниците низ возилото, со повеќе врати за влез и излез, како и валидатори на предната и на задната врата. Ваков тип на екоавтобуси веќе се користат во јавниот превоз на Шпанија, Норвешка, Унгарија и Полска.

Новите екоавтобуси, односно 21 нископоден автобус се со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници.