Стелантис ги враќа дизел автомобилите
„Стелантис“ не се откажува од дизел возилата, односно со своите носечки марки „Пежо“ и „Фиат“, ги враќа дизел моторите во најмалку седум патнички и доставни модели, откако ја смени стратегијата за брзо преоѓање на целосно електрична понуда, пренесе „Ројтерс“.
Стелантис кон завршетокот на 2025 година почна да ги враќа дизел моторите во Европа, во најразновидни модели, од доставни возила до семејни модели, како Пежо 308 или ДС 4. Тоа го потврди и самиот концерн.
Оваа промена во стратегијата се случува во време кога продажбата на електричните автомобили во Европа не ги исполни очекувањата, и ЕУ ги ублажи нормите за ограничување на емисијата на ЦО2, коишто имаа конечна цел, по 2035 година да запре продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување.

САД, како пазар што му носи највисока добивка на концернот, исто така им свртеа грб на електричните возила под администрацијата на Трамп, којашто ги отфрли научните истражувања, дека стакленичните гасови го загрозуваат човечкото здравје, и соодветно на тоа ги укина стандардите за емисија на штетни материи за автомобили и товарни возила.
„Решивме да ги задржиме дизел моторите во нашата понуда, и во некои случаи, да ја зголемиме разновидноста на погоните,“ соопштуваат од концернот. „Во Стелантис сакаме да постигнеме раст, и од таа причина се насочуваме кон тоа што го бараат купувачите.“
Во 2015 година, возилата со дизел мотор учествуваа со најмалку 50 проценти во продажбата на нови автомобили во Европа, но нивната продажба почна да отпаѓа, откако беше утврдено дека производителите на автомобили масовно користеле софтвер за лажно да прикажат пониска емисија на штетни материи од вистинската. Поради тоа, производителите беа казнети со милијарди и се воведоа строги закони.
Според европското здружение на призводители на автомобили АЦЕА, дизелите учествувале со само 7,7 проценти во продажбата на нови возила во регионот во 2025 година, додека целосно електричните автомобили достигнале удел од 19,5 проценти.
Бројни производители ги укинаа дизелите, додека Стелантис остави само неколку модели, наспроти неколкуте дузини модели што ги нудеше до пред пет години.
Кинезите не учествуваат на пазарот на дизел автомобили
Клучно е тоа што кинеските соперници што се специјализираа за електрични возила, не учествуваат на пазарот на возила со дизел мотори. Возилата со дизел мотор се значително поевтини од целосно електричните модели и им даваат конкурентска предност, во време кога производителите на автомобили се наоѓаат под разновидни притисоци.
Стелантис на 6-ти февруари соопшти дека отпишал 22 милијарди евра, откако отстапи од своите амбициозни цели за преоѓање на целосно електрична понуда. Тоа предизвика пад на акциите на најниска вредност, од основањето на концернот во 2021 година, со соединувањето на Фиат Крајслер и ПСА.
Компанијата претходно соопшти дека целосно електричните автомобили ќе учествуваат со 100 проценти во нејзината продажба во Европа во 2030 година, односно со 50 проценти во САД, но побарувачката на двата пазари беше далеку зад очекувањата.

Стелантис веќе врати неколку популарни модели со мотор со внатрешно согорување, како Џип Чероки, а го врати и моќниот осумцилиндарец Хеми, како дел од стратегијата да се врати пазарот во САД.
Во Европа, Стелантис ги враќа дизелите во Опел Астра, Опел Комбо, Пежо Рифтер, Ситроен Берлинго и уште неколку модели.
ДС и Алфа Ромео ќе ги задржат дизелите во понудата
Стелантис ќе ги задржи дизелите и во ДС 7, Алфа Ромео Тонале, Стелвио и Џилија, како одговор на „ослабнатата побарувачка од клиентите,“ соопшти компанијата.