Стела Мекартни дизајнираше чанта од лушпи од грозје- растенијата како „најмоќна состојка во модата“
Франција – Новата чанта „Ес-вејв“ (S-Wave) на Стела Мекартни е меѓу првите парчиња од брендот, коешто користи материјал направен од лушпи од грозје. Ова може да доведе до широко распространета и одговорна потрошувачка на рециклирани и биоразградливи производи.
– Кога ја пронајдов оваа опција со остатоците од грозје, бев многу возбудена – не само затоа што се набавува во близина, од винарии блиску до местото каде што се рачно изработени нашите додатоци, туку му дава и втор живот на отпадот, изјави Макартни за списанието „Мери Клер“ (Marie Claire).
Откако Стела Макартни го објави својот бренд во 2001 година, таа избегнува животинска кожа и крзно, правејќи ги алтернативните опции задолжителни.
Изумот е резултат на долгогодишно истражување и развој, еден од повеќето новотестирани материјали без животински состојки, т.е. ги заменува досега вообичаените кожа и крзно. Љубителите на вино знаат оти сокот од грозјето се цеди до последната капка. Остатоците од грозјето потоа може да се користат за други материјали. Кога тие се комбинираат со други состојки, како што се природните влакна, резултатот е – нешто налик кожа, само добиена од грозје.
Според Саманта Муро, основач на „Планет оф д грејпс“ (Planet of the Grapes) – компанија којашто развива и произведува кожа од грозје, ова е процес кој сè уште е во развој. Процесот вклучува собирање на цврстите остатоци од грозјето, нивно ситнење и истурање на цврстиот материјал. Ова е слично на производство на хартија.
Експериментирањето со разни видови грозје и различни начини на производство значи дека производот постојано се подобрува.
Со новиот дизајн, се чини, дизајнерката е на добар пат растенијата да ги претвори во „најмоќната состојка во модата“. Новата „Ес-вејв“ чанта е елегантна и со меки рабови, со метално копче во облик на „S“. Дизајнерката Мекартни вели дека инспирацијата ја црпи од минимализмот од 90-тите, комбинирајќи ги класичните облици со иновативните, нови материјали.