Станува ли „Епл“ банка: Со Голдман Сакс нудат 4,15 отсто годишна камата
„Епл“ и Голдман Сакс се обидуваат да ги привлечат штедачите да отворат нова штедна сметка нудејќи камата која е 10 пати повисока од националниот просек. Калифорнискиот технолошки гигант и банката во понеделникот понудија нова штедна книшка со 4,15 отсто годишен принос на клиентите во САД, откако прво го објавија производот во октомври.
Ова е значително над просечната каматна стапка во Америка од 0,37 отсто, покажуваат податоците на Федералната корпорација за осигурување на депозити. Ги победува и ривалите како Американ експрес, кој нуди 3,75 проценти и независниот производ на Голдман, кој работи под брендот „Маркус“, кој нуди 3,9 проценти.
Овој потег доаѓа откако големите банки, особено регионалните и помалите кредитори, се под зголемен притисок да понудат подобри каматни стапки на заштедите за да ги спречат да префрлаат готовина во фондови кои понудија подобри приноси во согласност со зголемените каматни стапки.
Клиентите повлекоа околу 800 милијарди американски долари депозити од комерцијалните банки од март минатата година, кога ФЕД првпат почна да ги зголемува стапките откако заемодавачите ги задржаа стапките на депозитите релативно ниски.
Новата штедна книшка им се нуди на корисниците на производот со кредитна картичка на „Епл“, кој е дел од партнерството со Голдман. „Епл“ им понуди на депонентите услови без надоместоци и без минимални барања за депозит. Максималното салдо на сметката е 250.000 долари. Депозитите ќе останат кај Голдман, како лиценцирана банка, пишува Фајненшел тајмс.
„Заштедите им помагаат на нашите клиенти да добијат поголем принос со тоа што им овозможува лесен начин да штедат“, рече Џенифер Бејли, потпретседател на „Епл пеј“ (Apple Pay) и „Епл волет“ (Apple Wallet) на „Епл“.
Штедната сметка ја продлабочува понудата на производи за финансиски услуги на „Епл“, која вклучува програма „купи сега, плати подоцна“.
Како што „Епл“ додава сè повеќе финансиски услуги, некои аналитичари сугерираат дека на таков начин станува банка. Но, вистинската сила на „Епл“ е тоа што заработува од продажба на хардвер и небанкарски услуги, рече Кристијан Овенс, извршен директор на „Педл“ (Paddle), компанија за плаќања.
„Мислам дека ‘Епл’ не сака да биде банка“, рече тој. „Мислам дека ‘Епл’ може да понуди некои принципи на банка без всушност да стане банка. Тие можат да го користат Голдман за да ги лансираат сите овие финансиски услуги и да бидат конекција на потрошувачите за многу од овие производи, да го брендираат како производ на ‘Епл’, да имаат висока маржа и да ја префрлат сета ваква одговорност на Голдман Сакс.