Стандардот во Македонија за 57 отсто понизок од просекот во ЕУ

Стандардот во Македонија лани се приближил за еден процентен поен до европскиот просек, но сепак е за високи 57 отсто понизок од просечниот стандард на земјите членки на Европската унија, покажуваат првичните показатели на Евростат. Слично е и со домашниот бруто-производ по жител според куповната моќ, кој иако е за еден процентен поен повисок од претходните две години, сепак лани бил на само 38 отсто од просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.

Ваквото минимално подобрување, сепак, не беше доволно нашата земја да се одлепи од дното на листата европски земји според вистинската индивидуална потрошувачка и според домашниот бруто производ по жител, покажуваат податоците на Европското статистичко биро Евростат, објавени во петокот.

Вистинската индивидуална потрошувачка (Actual Individual Consumption – AIC) по жител искажана според стандардот на куповна моќ (Purchasing Power Standards – PPS), во Македонија лани беше на ниво од 43 отсто од просекот на 27-те земји од Европската унија, подобро единствено од Босна и Херцеговина и од Албанија, покажуваат првичните процени на Евростат. Или, поинаку кажано, македонскиот стандард лани бил за 57 отсто понизок од европскиот просек. Во 2018 и 2017 година вистинската индивидуална потрошувачка во земјава беше на ниво од 42 отсто од европскиот просек (или за 58 отсто под ЕУ просекот).

На ранг листата покрај 27 земји членки на ЕУ се опфатени и Велика Британија, Норвешка, Швајцарија и Исланд, потоа земјите кандидати – Турција, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Албанија, како и Босна и Херцеговина.

И според нивото на БДП по жител (мерен според стандарод на куповна моќ), кој лани беше на ниво од 38 отсто од европскиот порсек, сме биле подобри само од БиХ и од Албанија. И кај овој показател Македонија лани го намалила јазот во однос на европскиот просек за еден процентен поен споредено со 2018 и 2017 година.

Нешто подобра од Македонија е Србија, кај која вистинската индивидуална потрошувачка е 49 отсто од европскиот просек, а БДП по жител е 41 отсто. Другите две држави со статус кандидатки за членство во ЕУ, Црна Гора и Турција според вистинската индивидуална потрошувачка се подобри и од некои од земјите членки на Унијата. Така Црна Гора која е на ниво од 60 отсто од просекот на ЕУ е подобра од Бугарија (со стандард 59 отсто од европскиот просек и е на дното меѓу земјите членки на ЕУ), а кај Турција овој показател изнесува 68 отсто од ЕУ просекот и освен од Бугарија, подобра е и од Хрватска (66 отсто) и од Унгарија (67 отсто).

Од друга страна, Романија забележа најголем скок според стандардот изкажан со реалната индивидуална потрошувачка, изедначувајќи се со Полска, со потрошувачка која е за 21 отсто под просекот на Унијата. За споредба, една година претходно стандардот на Романците беше 29 отсто понизок од ЕУ просекот.

Латвија, Словачка, Естонија, Грција и Малта се во групата земји каде што потрошувачката е од 20 до 30 отсто под европскиот просек (односно е на ниво од 70 до 80 отсто од ЕУ просекот).

Нешто подобаар бил стандардот во Литванија, Португалија, Чешка и Словенија, каде што вистинската индивидуална потрошувачка била од 10 до 20 под просекот на ЕУ, а во Кипар и во Шпанија овој показател бил околу 10 отсто под европскиот просек.

Најблиску до просекот на индивидуална потрошувачка во Унијата биле Италија и Ирска.

Колку се големи разликите и во рамки на Европската унија покажува податокот дека во само девет земји на ЕУ реалната индивидуална потрошувачка мерена со стандардот на куповната моќ во 2019 година била повисока од европскиот просек.

Луксембург и во овој извештај го потврди својот статус на земја со највисок стандард, за 35 отсто над европскиот просек, што е за еден процентен поен повеќе од претходната 2018 година. На стандардот не може да се пожалат ниту оние кои живеат во Германија, која е на второто место со потрошувачка за 23 проценти повисока од просекот на Унијата, или за три процентни поени повеќе во однос на 2018 година.

Над просекот на ЕУ се и Австрија, Данска, Белгија, Холандија, Финска и Шведска каде што потрошувачката е од 10 до 20 отсто поголема од просечниот ЕУ стандард и во Франција каде што стандардот беше девет проценти над просекот на ЕУ.

Податоците на Евростат покажуваат големи разлики и кога е во прашање БДП по жител мерен според стандардот на куповна моќ.

И лани на водечката позиција беше Луксембург каде што БДП по глава на жител е повеќе од два и пол пати поголем од просекот на ЕУ (индекс 261). Според Евростат ваквиот резултат делумно се должи на големиот удел на странските работници во вкупното вработување.

„Иако овие работници учествуваат во креирањето на БДП, тие не се вклучени во населението што се користи за пресметување на БДП по жител“, соопшти Евростат.

Според овој показател големо изненадување веројаатно е Ирска која е веднаш зад Луксмбург со 91 отсто поголем БДП по жител, односно речиси двојно повеќе од просекот на ЕУ.

Потоа следуваат Данска, Австрија, Холандија, Германија и Шведска, чиј БДП во 2019 година беше за 20 до 30 проценти поголем од просекот на Унијата.

Во Белгија и Финска БДП по жител беше меѓу 10 и 20 проценти повисок, а најблиску до просекот е Франција со БДП по жител за шест отсто над просекот на ЕУ и Чешка, Шпанија и Италија, каде беше понизок до 10 отсто.

Кипар, Литванија, Португалија, Словенија, Полска, Естонија, Словачка и Унгарија имаа 10 до 30 отсто понизок БДП по жител од ЕУ просекот. Грција, Латвија и Романија ја сочинуваат групата земји со БДП по жител кој е повеќе од 30 отсто понизок од просекот во ЕУ.

Хрватска е на претпоследното место со БДП по жител според куповната моќ за 35 отсто под просекот на ЕУ. Само Бугарија има помал БДП по жител, за 47 проценти под просекот на ЕУ. (М.Ј.)