Црна Гора со најнизок кредитен рејтинг од 2006 година


Меѓународната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ (С & П) го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Црна Гора од Б + на Б, со стабилна перспектива.

Ова е најнискиот кредитен рејтинг на Црна Гора од независноста во 2006 година.

Наведените причини се ослабената фискална и платно билансна позиција на земјата и падот на БДП од 15,5 проценти. Агенцијата проектира дека јавниот долг на среден рок во просек ќе изнесува 80 отсто од БДП , што е за дваесетина процентни поени повеќе од пред-пандемичната проекција на С & П од каде што очекуваат постепено економско закрепнување што ќе зависи од напредокот на глобалната вакцинација.

Тие исто така посочуваат дека учеството на надворешниот долг во Црна Гора се зголеми, што укажува на растечката меѓузависност на фискалните и надворешните нерамнотежи.

С & П наведува дека, со оглед на економскиот пад како резултат на ковидот и ослабената фискална позиција, очекуваат дефицитот на јавните финансии да се спушти на околу 3 проценти од БДП до 2023 година. Сепак, „постои ризик властите да не бидат во можност да ги контролираат тековните трошења, со оглед на историјата на лабавата контрола, хетерогеноста на новата владејачка коалиција и малото парламентарно мнозинство“, наведуваат од С & П.

Агенцијата очекува подинамично закрепнување на економијата на среден рок по падот во 2020 година, предизвикано од корона вирусот.

С & П проценува дека Црна Гора има фискален простор по издавањето на обврзницата од 750 милиони евра за финансирање на буџетот во следните 12 месеци и дека дистрибуцијата на вакцината ќе биде успешна, па затоа предвидува стабилна перспектива.

Сепак, во песимистичко сценарио, тие велат дека „рејтингот може да биде под притисок доколку црногорската економија не се опорави во текот на 2021-2022 година, што ќе значи понатамошен притисок врз веќе слабата фискална позиција“.

Проценката на кредитниот рејтинг на една земја е важна за проценка на кредитната способност, а негативниот рејтинг значи потешко и поскапо позајмување и полоша  привлечност на инвестиции.