ССМ и СГИП бараат пратениците да го отфрлат предлогот за 60 часовна работна недела: Ќе се вратиме 137 години назад


Претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Дарко Димовски и Иван Пешевски денеска преку отворено писмо побараа од пратениците да не ги усвојат предложените законски измени за 60 часовна работна недела.

„Работниците кои воедно се и Вашите гласачи, не Ви дале мандат и не ве избрале за народни пратеници за да се ставате во сервилна улога и да удоволувате на странски конзорцииуми и бизнис интереси на штета на животите и здравјето на работниците од чија пот ја земате пратеничката плата сега зголемена за 78 отсто, туку да се ставите во заштита на работниците и граѓаните и да не дозволите ничиј друг интерес пред нивното здравје, живот и егзистенција, зошто без работници, нема гласачи, а без гласачи нема ниту пратеници“, велат во писмото двата синдикални лидери.

Тие во „името на солидарноста и човечноста“ бараат од пратениците веднаш да го отфрлат ваквиот, како што го нарекуваат, нечовечки предлог.

„Работниците немаат резервен живот, немаат резервна татковина, ниту имаат уставна можност да се откажат од правото на дневен, неделен и годишен одмор поради тоа што ова е темелно уставно право кое работниците мораат да го уживаат“, велат Димовски и Пешевски.

Со измените, како што велат македонските работници ќе ги врати 137 години назад, односно, потсетувајќи дека 1 мај се одбележува токму во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 г. во Чикаго кој бил организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.

„Со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по скратена постапка, мала група на пратеници прави обид фундаменталното право на пристојно работно време и пристојна работа кое е изборено во 1886 година да го погази и Македонија и македонските работници да ги врати 137 години назад“, велат Димовски и Пешевски.

Тие посочуват дека ССМ и Синдикатот за градежништво – СГИП ќе ги искористат сите механизми кои им се на располагање за зачувување на овој столб на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за Европските работници.

Инаку, во подолгото обраќање до пратениците Димовски и Пешевски велат дека двата синдикати, иако единствени репрезентативни синдикати и национални социјални партнери, не биле консултирани ниту при носењето на основниот Закон, Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8  и 10-д , иако тоа било обврска согласно Конвенцијата на МОТ за трудови клаузули. Истот се однесува и на новите предлози за измени и дополнување на Законот за работните одсноси поднесени од 14 пратеници во Собранието по скратена постапка.

„Иако повеќе од 5 години се преговара за нов Закон за работни односи во ниту еден момент во текот на тие преговори овие предлози не биле разгледувани, а ова дополнително ни укажува дека целокупниот процес на преговарање е паушален и не се води на искрени и коректни основи, туку воопшто не се почитуваат ставовите на вклучените синдикати, граѓанскиот сектор и научната и стручната фела во државата се со една цел, да се удоволи на еден странски конзорциум на штета не само на работниците туку на целата Држава“, велат Димовси и Пешевски.

Тис истовремено потсетуваат дека минатата година ССМ заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8 , која одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд.