ССК со иницијатива за формирање фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво
Сојузот на стопански комори на Македонија, Здружението на бизнис жени и Федерацијата на фармери покренуваат иницијатива за формирање на посебен фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво.
Бараат и да се овозможи изготвување на родово поделени статистики за справување со проблемите од кризата и да се креираат специфични мерки за заздравување на женското претприемништво.
Според претседателката на Здружението на бизнис жени Валентина Дисоска, во услови на пандемија, женското претприемништво претрпело сериозни последици, а поддршката е недоволна и многу често недостапна за претпријатијата во сопственост на жени.
– Деловната активност на жените е најчесто во микро и мал сегмент кој е на стаклени нозе и се покажа за особено ранлив во услови на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Во изминативе години работевме на зајакнување и зголемување на овие претпријатија, некои имаа поголем, некои помал напредок, но тој напредок се изгуби со пандемијата. Дел не можеа да ги искористат можностите за користење на мерките бидејќи немаат знаење ни можности да се посветат на апликациите, додека дел не можеа да ги исполнат критериумите затоа што имаат намален број вработени поради ударот од кризата, и така се создаваат се поголем број затворени микро и мали претпријатија и уште поголем број невработени. Товарот на згрижување на фамилијата, учење од дома, и работа од дома најчесто паѓа на жените претприемачи кои водат микро и мали претпријатија, вели Дисоска.
Претседателката на Федерацијата на фармери Васка Мојсовска посочува дека во услови на пандемија стануваат многу повидливи проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини. Работата на жените од руралните средини, вели Мојсковска, е зголемена, а нивниот труд и понатаму не е вреднуван. Повеќе од 21 процент од жените го намалиле обемот на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот, околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.
– Сакаме уште еднаш да истакнеме дека бараме реализација на мерката 115 од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој која не е реализирана од 2019 година односно сеуште не се објавени резултатите од апликациите за 100 руралните жени кои треба да добијат грантови во насока инвестирање за јакнење на нивното земјоделско стопанство. Минатата година доставувавме дописи и низ разговори инсистираме на реализирање на оваа мерка, но за жал таа сеуште не е реализирана. Добро е што оваа мерка е влезена и во Програмата за финансиска поддршка за рурален развој 2021 година, но важно е да има реализација односно средствата да стигнат до претприемачките, вели Мојсовска.
Потпретседател на Сојузот на стопански комори Габриела Кулебанова смета дека сега жените имаат потреба од ефективна поддршка повеќе од кога и да било.
– Жените претприемачи краткорочно ја насочуваат, адаптираат и пренаменуваат својата деловна активност, но имаат голема потреба за подобри можности за обука, финансиска поддршка и помош при планирање и реструктуирање на деловните активности. Во таа насока по примерот на многу други земји бараме и кај нас да се формира посебен фонд за поддршка на женското претприемништво кое е значително погодено од ковид кризата и да се креираат специфични мерки за заздравување на претпријатијата раководени од жени. Во досегашните пакети за економска помош имаше многу скромна поддршка за овој важен сегмент на економијата, вели Кулабанова.